Македонија
8. October 2021 - 19:47

ОМО Илинден Пирин: Македонците и Марсовците имаат ист статус во Бугарија

 Во Бугарија исто ти се фаќа, дали си попишан како Марсовец или Македонец, ниту едното ниту другото не се признава, вели Стојко Стојков копретседателот на ОМО Илинден Пирин, партијата на Македонците во Бугарија која и покрај пресудите на Европскиот суд за човекови права се уште не е регистрирана. Веќе 60 години политика на Софија е дека нема македонско малцинство. Така е на секој попис, па и на овој кој за два дена треба да заврши во Бугарија.

Посебна графа Македонец нема, објаснува Стојков. Граѓаните можат да се попишат како Бугари, Турци, Роми или да се определат под графата други во која теоретски можете да се изјаснат како Македонци, но во пракса тоа е речиси невозможно поради манипулации од страна на попишувачите кои најчесто инсистираат дека македонска народност не постои, вели Стојков.

Софија и покрај ваквото негирање на се што е македонско бара од Скопје да го почитува правото на Бугарите за самоопределување, а тие да влезат во македонскиот Устав. Се работи за двојни аршини на бугарската политика, велат Македонците во Бугарија.

На последниот попис во Бугарија во 2011 година како Македонци се пребројани 1.654 лица. Најмногу Македонци биле пребројани во 1956 година – 187.789, а веќе на следниот попис во 1965 година, под влијание на репресивниот комунистички режим на Тодор Живков, нивниот број паднал на девет илјади. Македонија со Договорот за добрососедство се обврза да не се меша во начинот на кој Бугарија го третира и попишува македонското малцинство. Во меѓувреме, Софија и натаму и покрај пресудите на Стразбур и натаму одбива да ги регистрира македонските здруженија во Бугарија.