Македонија
1. March 2025 - 16:52

ОЈО: Итно постапување за тешки прекршоци и кривични дела во сообраќајот

Доколку возачот управува автомобил без возачка, помине на црвено, вози над дозволеното или пијан, во спротивна насока или на двојна полна линија или избегал од местото на несреќата и не укажал помош, полицијата веднаш ќе треба да го извести јавниот обвинител и по итна постапка обвинителот во рок од 24 часа да одлучи дали лицето ќе биде обезбедено. 

Овие насоки ги даде ОЈО Скопје до МВР за да се овозможи поефикасен кривичен прогон на возачите кои го загрозуваат сообраќајот. 

Дополнително како доказ за вакви дела ОЈО задолжи да се доставуваат 

- Целосна прекршочна и кривична евиденција за осомничениот, која треба да ги содржи сите поднесени прекршочни и кривични пријави и сите издадени платни налози за лицето.

– Во поглед на итност и построго казнување особено да се има предвид дали лицата се повеќе пати застанувани и казнувани за исти прекршоци.

– Кривичните пријави да содржат колку што е можно попрецизни, детални и точни податоци за сведоци, пријавени и оштетени со телефонски броеви и адреси од лични карти, но и моментални адреси на престојување.

– Со особено внимание да се обезбедуваат докази и да се фотодокументираат сообраќајните знаци кои се во важност на локацијата каде се случила сообраќајна несреќа, соопштија од ОЈО.

Според министерот за внатрешни работи, овие насоки требало да се практикуваат уште пред 20 години, но ја поздрави соработката со Обвинителството. 

Министерот Тошковски нагласи дека има недостиг од полицајци на терен, додека раководните служби во МВР се пренатрупани. За да се реши ова, се работи на нови закони за полицијата и внатрешните работи, како и нова систематизација.