Македонија
1. July 2022 - 16:37

Официјална Софија тврди нема нов француски предлог - Борисов повика Софија да го финализира истиот

Официјална Софија останува на ставот дека документот кој вчера го достави Франција е ист како претходниот.

По бугарската шефица на дипломатијата Генчовска, денеска ова го тврди и француската амбасадорка во Софија. Флоренс Робин за бугарските медиуми вели дека вториот, исто како и првиот документ ги штити правата на Бугарите и бугарските интереси.

Тој предлог, не се разликува од првиот и целосно ги штити правата на  Бугарите. Документот е идентичен со првиот, веќе изгласан во бугарското Собрание и не треба ново разгледување. Не го ревидира, туку го прецизира претходниот документ. Не ми е јасно зошто Скопје тврди дека т.н. втора верзија е подобра од првата. Токму Европската унија ќе гарантира исполнување на се што е предвидено во овие документи, вели Робин.

Во Софија засега нема реакции за францускиот предлог од владини претставници, додека опозициските партии се со различни ставови.

Поранешниот премиер Борисов вели дека неговата партија ГЕРБ по разгледување на францускиот предлог дава целосна поддршка за негова имплементација.

Сосема очекувано, најжестока е реакцијата на Каракачанов, кој смета дека овие документи без гаранции за јазикот на омраза, преиспитување на историјата и надзор врз работата на историската комисија се погубни за бугарската државност и понижување на бугарскиот народ. Со порака дека битката не е завршена, Каракачанов повика и на револуција.