Македонија
28. May 2020 - 16:40

Одбраната на осудените за „27 април“ од апелација бара укинување на првостепените пресуди

Адвокатите на осудените за собранискиот упад од 27 април сметаат дека пресудата на кривичниот суд е донесена без докази. Поради ова се жалат пред Апелациониот суд и бараат укинување на пресудата за 16-темина кои се осудени на 211 години затвор.

„Јас верувам дека првостепениот суд и не знае што е уставен поредок инаку ваквата пресуда не би ја напишал затоа што се брука како правник. Тврди дека имаме терористичко загорзување и терористи во судницата, но не даде појаснување како ја утврдил терористичката организација која е терористичката организација, кои се членовите, по чиј претходен договор и на кој начин постапувале“, вели Ѕвонко Давидовиќ, Адвокат.

Во своите жалби упатени до апелационите судии, адвокатите наведуваат дека кривичниот суд направил и низа пропусти во текот на судењето.

„Сметаме дека направи процесна повреда со тоа што не дозволи јавноста да го слушне и исказот на заштитениот сведок и сметаме дека направи повреда бидејќи не ја утврди во целост фактичката состојба во поглед на Митко Пешов“, изјави Павлина Зефиќ, Адвокат на Митко Пешов.

„Не може упатство да биде појако од закон за полиција. Оваа пресуда е фингирана пресуда и нема било каков доказ, затоа сметам дека не може да опстои“, вели Сашко Дуковски, Адвокат на Митко Чавков.

Забелешки за казните утре ќе изнесат и осудените по што апелационите судии ќе одлучат  дали ќе ги намали или потврди затворските казни или пак ќе ја укине пресудата и ќе побара судење од почеток.