Македонија
11. March 2025 - 16:32

Одбележани 82 години од депортацијата на македонските евреи во логорот Треблинка

Во скопскиот монопол местото од каде тргнаа на пат од кој не се вратија се одбележаа 82 години од депортацијата на 7144 македонските евреи во логорот на смртта, Треблинка. Да се покаже светска солидарност во сеќавање на жртвите на холокаустот и решителност во справување со сите зачетоци на антисемитизмот, побараа од еврејската заедница.

Ова не е само ден на тага и сеќавање на страдањето на македонските Евреи, туку и ден на предупредување во кој ние потврдуваме дека никогаш нема да дозволиме историјата да се повтори, порача премиерот Мицкоски. 

Бугарскиот амбасадор во земјва се поклони пред споменикот, но не сакаше да се извини за наредбата на тогашна Бугарија за депортацијата на македонските евреи.

Бјенвенита Бехара е една од ретките кои имале среќа да не бидат качени на возот на смртта. Како 4-годишно девојче спасено од македонско христијанско семејство на 13 години дознала дека е еврејка, но и дел од мачната судбина на нејзиното семејство. Иако живее во Тел Авив, секоја година доаѓа да се поклони пред споменикот во некогашниот монопол.

Македонија изгуби најголем процент на Евреи споредено со која било друга земја во светот, односно речиси 98 проценти од нив биле погубени во текот на холокаустот, а само 200 македонски Евреи преживеале до крајот на војната. Венци цвеќе пред Споменикот на македонските Евреи положија делегации на државниот врв, верските заедници, амбасадори и граѓански здруженија.