Одбележани 122 години од формирањето на комитетот на ТМОРО во Кавадарци
Со положување цвеќе и историски час пред спомен плоча во центарот на Кавадарци денеска беа одбележани 122 години од формирањето на првиот комитет на Тајната македонска револуционерна организација ТМОРО во Македонија, после Солунскиот. Огранокот на организацијата бил формиран од Дамјан Груев.
Историчарот Петре Камчевски говореше за активностите на Груев и неговата комуникација во носењето на одлуката за основање на Комитетот.
- Груев дошол во Кавадарци и ги побарал неговите познаници со кои се знаел уште од Солунската гимназија, Иванче Минчев и Јанаќи Ќуркчиев. Разговарале неколку часа во кафеаната на Пано Мангаров, се интересирал за многу работи. Прашал дали можат да му посочат луѓе со кои може да разговара за црковно училишните работи, бидејќи тој во тоа време бил училишен инспектор. Тие му ги посочиле Пане Иванов како главен учител и Јованче Велков, трговец со тиквешки вина, претстедател на црковно училишната општина. Отишле во куќата на Пане Иванов, разговарале неколку часа. Груев се интересирал за многу работи, покрај другото и за положбата на населението, раскажа Камчевски, кој е директор на Кавадаречкиот музеј.
Од страна на Иванов, Груев бил информиран дека особено била тешка положбата на населението кое живеело во селата, бидејќи било немилосрдно експлоатирано од страна на агите, беговите и падарите. Тогаш Груев станал и им се обратил со зборовите: Другари, да не седиме со скрстени раце и да гледаме како се коваат нови пранги за нас. Ние во Солун размисливме и формиравме организација чија основна цел е извојување политичка слобода по пат на револуција”. Потоа, рече Камчевски, ги прашал дали сакаат да станат членови на една таква организација. Сите се согласиле и положиле заклетва. Со тоа формално правно бил формиран првиот комитет на Организацијата во Македонија, по Солунскиот.
- Во својата докторска дисертација која се однесува за животот и делото на Даме Груев, на 48 страница, Душан Христов Константинов запишал дека Кавадарци го имал тој приоритет да биде прв град после Солун, во кој е формиран комитет на ТМОРО. Сите други комитети во Македонија биле формирани подоцна, нагласи Камчевски.
Пред спомен плочата, бројни делегации положија цвеќе, меѓу нив и кавадаречкиот градоначалник Александар Панов и Горица Пеливанова Вилхелм, претседател на Советот на општината Кавадарци.
Ново на Сител
-
Тројца пациенти кои се лекуваат во странство и натаму се во критична состојба
-
СДСМ: Кој му ги дал службените тајни на обезбедувачот на Мицкоски?
-
Таравари: Коалицијата ВРЕДИ останува дел од владата иако има одредени несогласувања
-
Одржливо управување со отпадот на локално ниво - проект финансиран од Шведска
-
Охрид поголем наплив на гости очекува за Велигден
-
Преглед на вестите од светот
-
Тема на денот со иницијативата „Support Kochani“
-
Дали трагедијата во Кочани ќе ги седнe на заедничка маса политичките лидери?