Македонија
5. October 2022 - 16:39

Од ВМРО-ДПМНЕ ги предале контактите - Владата е на потег

ВМРО-ДПМНЕ ги достави своите контакти за набавка на поевтини енергенси до министерот за економија Бектеши, како што беше договорено на вчерашната лидерска средба помеѓу Ковачевски и Мицкоски, потврдија од партијата.

Оттаму велат дека биле договорени и средби со посочените субјекти за да се утврди дали нивните понуди ги задоволуваат потребните критериуми, а по нив Владата треба да ја изменаџира набавката на потребните количини гас и мазут. Со тоа, според партијата, обврските на ВМРО-ДПМНЕ се завршени, како што било договорено.

Од кабинетот на Бектеши денеска не добивме одговор дали министерот ја продолжил комуникацијата со Мицкоски, ниту дали веќе се обратил до некој од посочените контакти.

Единствено што засега се знае е дека гас ќе се набавува преку трговци од западни земји кои имаат договорено количини со Газпром.

Од Левица, пак, велат дека власта и опозицијата работат во корист на ЕВН, а не на народот. Предлогот на Левица е ЕСМ да ги снабдува со струја сите државни институции, училиштата и болниците. Со оваа мерка ќе се избегне маржата од 11,5% кон ЕВН, а државата ќе може да ја контролира цената на струјата со комбинација на производствената цена на ЕСМ и цената на увезената енергија за овие институции.

Меѓу предлозите кои вчера ги претстави ВМРО-ДПМНЕ до Владата е да се обезбеди енергенс за работа на ТЕЦ Неготино по поевтини цени од берзанските, а струјата што ќе се произведе да се даде на стопанството. Предлагаат и да се обезбедат ресурси за производство на струја и топлина од ТЕ-ТО. Електричната енергија ќе ја користат граѓаните и индустријата на регулираниот пазар, а топлината корисниците кои ќе плаќаат сметки на ЕСМ. Побарано е и јавните претпријатија кои се занимаваат со комунална и водостопанска дејност, да се префрлат од слободниот на регулираниот пазар. Ако ова се реализира, планот е да се заштедат 300 милиони евра.