Македонија
5. April 2021 - 20:02

Од утре полициски час од 20 часот, од среда целосно затворање на сите угостителски објекти

Од утре ќе седиме затворени дома од 20 часот навечер до 5 наутро а од среда нема пиење кафе и јадење во ресторани и кафеани кои ќе можат само да вршат достава на храна. Овој нов сет на строги рестриктивни мерки го усвои Владата на денешната седница а во него се опфатени и затворање на фитнес клубови и спортски сали, обуки, курсеви а нема седење и во обложувалници. Големиот број заразени и починати, преоптеретеноста на болниците и премореноста на здравствнеите работници причина за новите рестрикции кои ќе бидат на сила до 20 април.

- Апелирам: Седете дома овој период! Не излегувајте ако не е потребно и никако не се групирајте! Овие мерки ги воведуваме во пресрет на празниците, со цел да овозможиме празничните денови секој граѓанин и секое семејство да ги помине во мир и спокој, со саканите на број и на трпезата во домот. Тоа, убеден сум, секому е првата желба за овие празници. Да сме здрави и заедно со саканите. Со овие мерки очекуваме да се намали ширењето на заразата и да се намали притисокот врз здравствените работници, изјави Зоран Заев претседател на Влада.

Иако мерките се непопуларни, спроед заменик министерот за здравство биле пред избор дали ограничување сега или за празниците. Очекува рестрикциите да го намалат притисокот во болниците.

 - Се наоѓаме на праг на големи верски пранзици, но свесни сте дека сме во тешка општа состојба. Размисливме проактивно. Се најдовме пред два избора или ќе го ограничиме пост или ќе се затвораме за Бајрам или Велигден. Ако не носиме одлуки ќе се соочиме со затворање и за Бајрам и за Велигден. Се надеваме дека тоа нема да се случи и дека празниците ќе ги поминеме без големи ограничувања, рече Хасани.

Според Караџовски епидемиолошката состојба е неповолна и лесно може да дојде до колапс на здравствениот персонал. Што се сменило изминатите три дена кога надлежните тврдеа дека нема потрерба од рестрикции, главниот епидемиолог со објаснување дека тие прават неделни а не дневни анализи.

- Оваа мерка е релевантна бидејќи на неделно и двонеделно ниво бројката се зголемува. Ако ме прашате дали во Битола е најлошо да, еден еден ипол граѓанин се заразува. Дали мерките веднаш ќе дадат ефект, не ама ние играме на подолги стази, вели др. Жарко Караџовски, претседател на Комисија за заразни болести.

Во моментот 1720 граѓани се на болничко лекување и ова е најголема бројка од почетокот на пандемијата. Многу болници и клиники станаа ковид центри, но според министерот за здравство нема потреба од капацитетот на поранешна Мала Богородица. Но затоа специјалисти од приватниот сектор ќе помагаат во државното здравство.

Пет лекари од „Аџибадем-Систина“ и двајца од „Ремедика“ ќе бидат вклучени во системот на ротација за грижа на ковид-пациентите сместени во клиниките од јавното здравство, изјави Венко Филипче, министер за здравство.

Надлежните појаснија дека за време на полицискиот час, сопствениците на миленици ќе можат да ги шетаат од 22 до 23 часот.