Македонија
8. March 2021 - 19:47

Од среда полициски час од 22 до 5 часот изутрина - Зошто се воведува?

Повторно полициски час во Македонија. Од среда па во следнтие две недели ќе биде ограничено движењето на граѓаните од 22 часот навечер до 5 наутро. Ваква препорака дала Комисијата за заразни болести, а Владата треба да одлучи на утрешната седница. Предлогот доаѓа по алармантното зголемување на бројот на новозаразени но и исполнетоста на болничките капацитети. Здравствените власти засега не размислуваат за викенд карантини како во некои соседни земји, но велат ја следат состојбата и не ја исклучуваат можноста и за вакви рестрикции.

-Многу е тешко сега да се каже дали ќе продолжи тој тренд или ќе се достигне некое плато односно дали бранот кој сега се јавува ќе биде идентичен на тој во ноември. Тука има поделени мислења на епидемиолозите. Но, ние мора да сме внимателни и спремни и во таа смисла препораката на Комисијата за заразни болести е да има ограничување на движењето после 22 часот поради тоа што сметаат дека има групирање после затворање на угостителските објекти без почитување на превентивните мерки на јавни површини, изјави Венко Филипче, министер за здравство.

И покрај доминацијата на британкста мутација во земјата, Филипче вели дека нема разлика во клиничката слика кај пациентите. Во болница завршуваат и помлади и постари. Состојбата на терен е алармантна и нема слободни места за хоспитализација во повеќе здравствени установи низ државата. 

-Инциденцата најмногу е зголемена во Скопје, Кавадарци, Неготино, Прилеп и во Охрид. Тоа се реперкуира на начин што има зголемен прилив на пациенти во болниците. Во Кавадарци е целосно исполнето Инфективното и дополнителните одделенија и почна да работи и модуларната болница. Исто е во Прилеп, а ние гледаме тука во Скопје има секојдневно се поголем број случаи кои бараат хоспитализација и затоа во функција се врати модуларната болница до Инфективната клиника и повторно се спремни сега сите интерни клиники. Тоа го организиравме денеска во текот на утрото како што беше во ноември, изјави Филипче.

Последните податоци покажуваат секојдневно зголемување на бројот на хоспитализирани. Во моментот во болница има 860 пациенти со компликации од Ковид 19 и освен модуларните болници повторно на стенд бај се дел од интерните клиники кои во преходниот бран беа ковид центри.