Од Бехтел и Енка стои само направената дупка
Две милионски транши државата им исплати на Бехтел и Енка но уште не се знае кога ќе стартува изградбата на коридорите. Изминува и месец јули а ниту машини ниту работници нема на терен.
Дупката за испитување на земјиштето остана нем сведок на последната од низата помпезни најави за старт на градежните работи.
Три пати се одбележуваше владината зделка од 1,3 милјарди евра со фирмите „Бехтел и Енка“. Беа презентирани неколку планови како ќе се одвиваат градежните работи кои според првиот вицепремиер ќе бидат по нов концепт на изградба бидејќи стариот не давал резултати. Но, резултатите кога ќе бидат видливи не открива ниту директорот на ЈПДП кој во изјава за Сител вели дека допрва ќе се избира проектантска фирма. Се уште не се готови ниту резултатите од испитување на земјата за што беа направени неколку дупки долж трасата.
Владата на 4 април со голема свеченост ја отвори таблата на автопатот Тетово-Гостивар, во јуни пак со една машина и десетина работници се собраа министрите околу дупката, од каде се земаа примероци за испитување на земјата. Според нивните најави, вакви дупки ќе се црпат на секои 100 метри до Струга. Тогаш, Владата најави дека ќе се гради прво спореден пат, а автопатот Тетово-Гостивар ќе се руши за да се изгради новиот коридор со по три ленти во двата правци.
Овој проект го пратат низа скандали и реакции, како за договорот така и за законските измени во однос на работното време. Последно поранешниот министер за правда Михајло Маневски поднесе кривична пријава против премиерот Ковачевски, вицепремиериети Груби и Маричиќ, министерот за транспорт и директорот на ЈПДП. Дел од пријавата веќе е прераспределена во Обвинителството за организиран криминал и корупција.
-
Mирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар