Македонија
28. September 2023 - 21:14

Обвинувања за бакнежи и намигнувања ја прекинаа седницата за пратенички прашања

Бакнежи и намигнувања денеска ја прекинаа седницата за пратенички прашања во Собранието. 

Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојановска побара оставка од вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, бидејќи додека се обраќала на говорница тој и испраќал недолични гестикулации. 

Стојановска вели, Маричиќ треба да се засрами за недоличното однесување, бидејќи ова не е напад врз неа, туку и врз Собранието и демократијата.

Маричиќ пак наместо од собраниската говорница, тврдењата на Стојановска ги демантираше на неговиот фејсбук профил.

- Најостро ги демантирам недостојните и ниски лаги на пратеничката Дафина Стојаноска. Со пратеничката ниту сум имал каква било комуникација ниту сум ѝ испратил каква било вербална или гестикулативна порака. Ништо од тоа - стои во дел од неговата објава.

Дали биле испраќани бакнежи во водух или не, нема видео запис, а седницата беше прекината бидејќи пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не се повлекуваа од говорницата каде бараа оставка од Маричиќ.

Но, пред да биде прекината седницата, се дискутираше едно од најактуелните прашања во јавноста денеска, односно дали со Законот за амнестија ќе бидат ослободени осудените за помагање во убиството кај Смилковското езеро. 

Премиерот Ковачевски на одговор на прашање на пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ одговори- ако има можност осудените за случајот Монструм да бидат амнестирани, пратеничката група на СДСМ ќе поднесе амандман, за тоа да не се случи.