Обвинителството нареди вонреден инспекциски надзор над загадувачите на воздухот во Скопје
По наредба на Основното јавно обвинителство Скопје, денеска во Скопје се спроведуваат масовни инспекциски надзори поврзани со енормното загадување на воздухот. Во акцијата, која има за цел да ги лоцира одговорните за еколошкиот хаос, учествуваат Државниот инспекторат за животна средина, општинските инспектори, Министерството за внатрешни работи и Дирекцијата за заштита и спасување.
Инспекциите се насочени кон индустриските капацитети, правните субјекти што користат мазут и нафта за загревање, како и градежните компании што можат да придонесат за загадувањето.
Под лупa се инсталациите со А и Б интегрирана еколошка дозвола, а инспекторатот за животна средина врши контроли и кај оние што поседуваат одобрени елаборати за заштита на животната средина- резултатите од контролите ќе ги достават до обвинителството, вели директорката на инспекторатот за животна средина за Сител.
Паралелно, полицијата врши засилени контроли на тешките товарни возила, насочувајќи ги кон обиколниците за да се намали сообраќајниот метеж во градот. Дополнително, комуналните инспектори ги проверуваат градежните локации за несоодветно складирање отпад, а исто така ќе бидат санкционирани и случаите на палење оган на отворено.
Дејствијата се преземаат во рамките на предмет поврзан со загадувањето на воздухот во Скопје, а сите надлежни институции се задолжени да изготват соодветни извештаи од извршените контроли и да ги достават до обвинителството, соопштија од ОЈО.
Доколку се утврдат прекршувања со елементи на кривично дело, Обвинителството ќе покрене постапки против сторителите.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар