Обвинетите не се чувствуваат виновни за убиствата на Вања и Панче, за Палчо случајот е политичка наредба
Обвинетите за убиствата на Вања и Панче не се чувствуваат виновни. Денеска сите заедно седнаа во Кривичниот суд да слушнат за што се гонети, ама сите негираа дека учествувале во грабнувањето и убиството на девојчето и пензионерот.
Велибор Маневски го криеше лицето пред телевизиските камери, додека останатите обвинети разговараа со своите адвокати. Обвинителката Жаклина Крстевска Јосифовска предложи целото судење да е затворено за јавноста бидејќи така барале мајката и сестрата на Вања, но обвинетите и судот одбија.
Еден од најтешките кривично правни настани кои ја вознемирија јавноста, беа првите зборови со кои обвинителката го почна својот говор. Обвинетите добро се познавале, убиствата одамна ги спремале и секој до најситен детал ги знаел своите обврски. Грабнувањето на Вања го планирале за 24 ноември, а го реализирале два дена подоцна бидејќи тогаш девојчето само одело во училиште, тврди обвинителството.
„Грабнувањето на малолетната Вања било извршено со намера некој друг член на нејзиното потесно семејство да го присилат да стори нешто, да даде парични средства на обвинетите за нејзин откуп“, пишува во обвинението.
Само таткото на Вања знаел дека таа кобниот ден ќе оди сама бидејќи наставата за нејзината сестра почнувала еден час подоцна. Велибор, Боре и Влатко по осмислениот пат од Палевски дошле пред зградата, на влезот ја врзале со пластични стеги и во вреќа за спиење ја ставиле во колата на велешанецот Жежовски. Палчо ги чекал кај Визбего, возел пред нив до местото Дупки.
„Ја доближиле до дупка која претходно ја ископале со околу 180 метри должина и 60 длабочина. Со пиштол непозната марка од 9мм обвинетиот Палевски преку перничето кое го нашол во близина испукал еден куршум во главата на Вања. Откако обвинетиот Палевски ја извадил вреќата за спиење, го закопале телото во ископната дупка а потоа во нива во атарот на село Бразда го запалиле цитроенот“
На скоро идентитечен начин бил убиен и велешанецот Жежовски. Застрелан во главата, а потоа закопан во дупка која претходно ја ископале.
Откако слушнаа дека се обвинети за грабнување и убиство, сите се изјаснија за невини. Најмногу аргументи, понуди Палевски. Смета дека со неговиот прогон, обвинителството извршувало политичка наредба.
Немало докази од комуникација која укажувала на планирање на убиствата, критичниот ден бил во банка, а во судницата, тврдеше и дека таткото на Вања е наместен од полицијата. Праша и зошто обвинителството не кажало дали и каков откуп се барало за девојчето..
„Обвинителството тврди дека дупката за оштетеното дете е копана претходно. Па, тоа значи дека е претходно одлучено да се убие детето, а не да се засолни, да се бара откуп. Но, и тоа не може да го докаже ниту пак има некаква смисла. И мотивот е погрешен, вештачки и затоа таткото Александар е колатерална штета во оваа постапка“
Ѓорчевски, кој одговара дека му кажал на Палчо кога неговата ќерка оди сама во училиште, се понуди да помогне во расветлување на случајот.. Низ солзи зборуваше дека не го познава Палчо, бил жртва и наместен од полицијата.
„Јас загинав на 27 ноември, чувствувам болка што не може да се објасни со зборови. Но, во овој процес ќе помогнам целосно да се расчисти оваа работа со имиња и презимиња“, рече Александар Ѓорчевски во судницата.
Неговиот бранител пак смета дека тврдењата за вината на Александар се неосновани и паушални. Иако разведени, бил посветен родител.
Петтемина обвинети, во судница повторно ќе седнат идниот месец. Ќе сведочат мајката и други блиски роднини на Вања.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар