Македонија
10. October 2019 - 8:32

Обвинение и проширена истрага за „Рекет“, куќен притвор за Мандиќ

Случајот „Рекет“ доби нов тек откако истрагата се прошири на уште четири лица, а синоќа на потпретседателката на Меѓународниот сојуз Јасна Мандиќ, по приведувањето во Кривичниот суд, и беше одреден куќен притвор. Мандиќ се сомничи за измама и перење пари во проширената истрага за овој случај.

Обвинителката Вилма Рускоска, која е надлежна за овој случај, синоќа изјави дека кај тројцата осомничени во проширената истрага е определен налог за претрес.

Се очекува денеска да биде поднесено и обвинението за првиот дел од истрагата. Русоска, синоќа изјави дека има „битни докази“ за обвинението. Таа посочи и дека еден од осомничените побарал спогодба за првиот дел од истрагата.

Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески вчера потврди дека истрагата во првиот дел за „Рекет“ е при крај и дека обвинителката Рускоска работи на донесување јавнообвинителска одлука.

Тој оцени дека предметот „Рекет“ не е целосно исцрпен и додаде дека Обвинителството работи на утврдување факти и околности и за други две – три дејства. Јовевски потврди дека некои од осомничените биле заинтересирани за спогодба, но дека до овој момент конкретна спогодба со осомничените за случајот „Рекет“ не е постигната, ниту е влезено во посериозни договори околу спогодбата.

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција вчера донесе наредба за спроведување истражна постапка против пет физички лица и едно правно лице, поради постоење основано сомнение дека првоосомничениот сторил продолжено кривично дело „измама“ и кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“.

– Врз основа на предистражната постапка обвинителот што раководи со постапката дојде до сознанија што укажуваат дека во периодот од јули 2017 година до април 2018 година првоосомничениот како претседател на осомниченото правно лице, искористувајќи документи од правното лице, довел и одржувал во заблуда двајца управители на две друштва за градежништво. Тој лажно прикажувајќи дека ќе обезбеди државно неизградено земјиште за изградба на центар за возрасни лица и мобилен сервис, а потоа и субвенционирање од страна на државата, од оштетените преку авторска агенција успеал да добие парични средства од 719.905 евра од едното правно лице и 233.821 евро од другото. Останатите осомничени лица со умисла му помагале на првоосомничениот во извршувањето на кривичните дела изготвувајќи договори, подигнувајќи ги уплатените средства и уплаќајќи средства на други правни лица врз основа на заем или донација, се појаснува во соопштението.

Едно од осомничените лица како функционер, заедно со првоосомничениот, се подвлекува во соопштението, присуствувало на средбите организирани од првоосомничениот, при што го искористило својот углед и авторитет и оштетените стекнале впечаток дека зад понудените проекти стои извршната власт.

Во „Рекет“ првоосомничен е Бојан Јовановски-Боки 13 за примање награда за противзаконско влијание и за перење пари и други приноси од казниво дело. Второосомничен, за трговија со влијание, е Зоран Милески-Кичеец, а поранешната специјална обвинителка Катица Јанева е третоосомничена за злоупотреба на службената положба и овластување.

Јовановски и Јанева се во притвор во КПУ Затвор Скопје, а Милевски е во домашен притвор.

Јовановски требаше да даде исказ во Обвинителството, но му се слоши и со брза помош беше однесен во болница, а потоа вратен во притвор.

Исказ во Обвинителството нема да дава ниту Катица Јанева. Нејзината адвокатка Ирена Фрчковска за МИА потврди дека таа во оваа фаза нема да дава исказ, но ќе го задржи правото во однос на предлагање сведоци и докази понатаму во постапката.