Бизнис
26. March 2016 - 12:06

Обука за зголемување на квалитетот на вештачење во градежништвото во Македонија

Стекнување поголеми теоретски и научни знаења и вештини, како и зголемување на квалитетот на вештачењето во Македонија има за цел денешната обука од областа на градежништво, архитектура и геодезија, организирана од Комората на вештаци на Македонија.

Според претседателот на Комората Васе Доневски, денешната обука, која е организирана за вкупно 98 вештаци од наведените области, е особено битна, бидејќи во Македонија во последните години има голема градежна експанзија во која е вклучена целосната градежна оператива во многубројните инфраструктурни и капитални проекти.

- Градежништвото со негово ангажирање повлекува уште други 25 индустриски гранки и со тоа вклучува над десетици илјади работници. Улогата на вештаците е да извршат утврдување на самата статика и градба и дали тие се направени по сите утврдени норми и стандарди. Вештачењето најчесто се одвива во оние делови каде има надминување на некои вредности и количини, како и замена на некои материјали, истакна Доневски.

Целиот овој процес, како што рече, на постојано градење и интензивно вложување во градежништвото во Македонија налага зголемување на стручноста, знаењата и потребата од размена на мислења и искуства.

- Комората на вештаци, како една од најмладите комори во Македонија, постојано работи и организира обуки од различни области преку кои вештаците имаат можност да се стекнат со нови знаења, да ги унапредат постојните и воедно да ги споделат своите искуства, рече Доневски.

Комората на вештаци на Македонија брои 1.050 членови од 80 области. Во 2015 година таа има направено пет обуки низ кои минале околу 800 вештаци од областа на медицината, материјалното сметководствено и финансиско работење, машинство и сообраќај, како и земјоделство, шумарство и водостопанство.