Македонија
1. April 2024 - 19:45

Обид за убиство на градоначалникот на Арачиново, ранети се двајца негови соработници

Две лица се повредени во обид за убиство на градоначалникот на Арачиново, Ридван Ибриами. Маж со калашников пукал директно во нив додека тие вршеле увид на градежни работи на главната улица. Двајца негови соработници, возачот и член на обезбедувањето завршија со прострелни рани. Во клиничкиот центар е пренесен 30 годишен маж со прострелни рани во градниот кош и главата. Неофицијално станува збор за неговиот возач. Вториот ранет е вработен во општината и тој со приватно возило е донесен во хируршката болница „Св. Наум Охридски“. 

Напаѓачот бил сам, но успеал да го испразни цел шаржер во обид да го ликвидира градоначалникот Ибраими. Неофицијално, градоначалникот бил отурнат од обезбедувањето и за влакно се спасил да не настрада. 

Од МВР нема детали за напаѓачот. Информираа дека настанот бил пријавен во 13:25, дека на влез во с.Арачиново машко лице со автоматска пушка пукало кон градоначалникот на о. Арачиново кој бил заедно со уште неколку лица. 

Неофицијално во тимот на обезбедувањето на Ибраими бил и припадник на МВР кој веднаш јавил за пукањето. Тој доби полициско обезбедување откако повеќепати беше физички нападнат, а лани пријавуваше  дека добивал закани по живот. Од информациите на терен, веројатно напаѓачот му е познат на Ибраими, но не се работи за политичка пресметка. Се зборува дека тие имале претходно недоразбирање околу имотни прашања. 

За напаѓачот не било тешко да дојде до градоначалникот кој е од редовите на ДУИ, со оглед дека тој пеш се движел по улицата на која се прави нов тротоар.

По наредба на обвинител се прибираат траги и се прават вештачења. Од ОЈО информираа дека ќе биде издадена наредба за обезбедување на снимки од видео надзор на околни објекти.