Македонија
16. July 2024 - 16:46

Обдукцијата треба да покаже дали бизнисменот Радомировиќ е убиен или станува збор за самоубиство

Обдукцијата треба да покаже дали бизнисменот Чедомир Радомировиќ е убиен или станува збор за самоубиство, откако вчера телото му беше пронајдено покрај автомобил во селото Орман, со прострелна рана во главата.

Вчера во 18.50 во с.Орман до паркирано возило „Лексус“ со скопски регистерски таблички е пронајдено машко лице кое крварело во пределот на главата, а покрај него имало пиштол и чаура.Утврдено е дека станува збор за Р.Ч.(67) . Со возило на  ИМП бил пренесен во КЦ-„М.Тереза“ каде им подлегнал на повредите. СВР Скопје презема мерки за расчистување на случајот.

Во Ургентниот центар, веднаш почнале со постапка за реанимација, но и покрај напорите на дежурните екипи, по 45 минути е констатирана смрт.

Поради огнострелната рана во пределот на главата, телото е предадено на вештачење во Судска медицина.

Од Судска велат дека до крајот на денот би требало да е готова одбукцијата, по што ќе биде известена полицијата.

Случајот со бизнисменот Радомировиќ не ги спречи партиите за политички препукувања.

Петто убиство откако Тошковски е министер, ниту едно не е расчистено, реагираат од опозициската СДСМ.

Состојбата со убиствата станува алармантна, а безбедноста на граѓаните е во ризик поради постојаните пукања. Македонија станува сцена од каубојски филм каде убиствата и уличните пресметки се секојдневие. Најстрашно е што нема разрешница на ниедно убиство во последните шест месеци откако Тошковски и ВМРО-ДПМНЕ раководат со МВР.

Во овој период од шест месеци откако ВМРО-ДПМНЕ раководи со МВР имаше пет убиства и три обиди за убиства и на ниеден случај нема разрешница, се вели во партиското соопштение.

Од ВМРО-ДПМНЕ им реплицираа,

Партијата на неврохирургот на Заеви познати по шурување со криминалните банди низ Македонија во чие време Македонија сатана Мека за дилерите и убијците се најде да прозива на тема која најмалце и одговара.

Откако со неспособниот Спасовски кој народот го остави без лични документи и пасоши грижејќи се пасоши да добијат земунскиот, кавачкиот и шкаљарскиот дилерски клан и други бандити од Балканот, го направија Скопје див запад, познат по мафијашки престрелки и незавршени случаи.

Нека не се грижи СДС одговорност за сите ќе има, вклучувајќи ги и тие кои ја доведоа земјава до ова дереџе, е дел од репликата на ВМРО-ДПМНЕ на соопштението на опозициската партија.

Чедомир Радомировиќ беше основач на Радо Банка, која пропадна во 2005 година откако Народна банка констатираше дека е неликвидна и не може да ги извршува налозите за плаќање.

Основач беше и на фирмата Техноком.