Свет
18. February 2016 - 18:14

Обама следниот месец во дводневна посета на Куба

Американскиот претседател Барак Обама денеска најави дека на 21 и 22 март ќе ја посети Куба, каде ќе оствари средба со кубанскиот претседател Раул Кастро со цел да се „унапредат односите меѓу двете земји и напорите за подобрување на животот на кубанскиот народ“.

- Иако САД се уште имаат спротивставени ставови со Куба, веќе е направен значаен напредок во нормализирање на односите меѓу двете земји, напиша Обама на Твитер.

Посетата на Куба ќе биде дел од неговата турнеја низ Латинска Америка следниот месец, која е претходно најавена во Вашингтон.

Последен пат некој американски претседател ја посетил Хавана во 1928 година, кога на чело во Белата куќа беше Калвин Кулиџ.