Свет
27. јуни 2024 - 8:07

Новиот закон што го олеснува стекнувањето германско државјанство од денеска стапува на сила

Во Германија од денеска стапува на сила новиот закон со кој се олеснува стекнувањето германско државјанство, јави ДПА.

Реформата на законот за државјанство, која беше поттикната од германската владејачка трипартитна коалиција, му дава можност на лицето да стане германски државјанин, а во исто време да го задржи државјанството на земјата од која потекнува.

Досега, зачувувањето на државјанството на земјата на потекло беше можно само за граѓаните од другите земји од Европската унија.

Според законските измени кои стапуваат на сила, луѓето кои ги исполнуваат сите други услови можат да аплицираат за германско државјанство по пет години престој во Германија.

Досега условот беше осум години престој.

Децата кои се родени во Германија од родители странци ќе добијат германско државјанство доколку едниот родител легално престојувал на германска територија пет години.

Доколку барателот за државјанство покаже „посебни достигнувања во интеграцијата“, како што се особено добри перформанси на работа или училиште или покажува висок степен на социјална посветеност, тој може да добие државјанство по три години престој во Германија.

Освен тоа, на Германците кои сакаат да добијат државјанство на друга земја повеќе нема да им треба посебна дозвола од германските власти.

Ново на Сител