Македонија
3. јуни 2019 - 12:09

Новиот закон го заштитува правото на жената самата да носи одлуки

Во време кога правата на жените беа уназадени во неколку држави во САД, нашата земја направи напредок во родовата рамноправност со новиот Закон за прекинување на бременоста, кој го заштитува правото на жената самостојно да донесува одлуки.

За да ја запознае јавноста со придобивките од новиот закон во споредба со претходниот, невладината организација ХЕРА изработи информативни постери што ќе бидат поставени во здравствените установи и анимирани видеоснимки што ќе бидат промовирани преку социјалните медиуми.

Видеокампањата се заснова на лични приказни на луѓе присилени да носат сериозни животни одлуки под притисок од пристрасно и задолжително советување или, пак, да чекаат да ги остварат своите права поради административни пречки.

– Жената треба слободно да ги донесува сите одлуки во својот живот, вклучително и одлуката дали и кога ќе основа семејство и колку деца ќе има. Истото важи и кога е бремена. Бремената жена најдобро знае низ што минува, велат од ХЕРА.

Невладината организација додава и дека жената, со или без партнер, самата знае што е најдобро за нејзиното здравје и самата може да ја донесе најдобрата одлука за сопствената добросостојба.

ХЕРА е основана во 2000 и се залага за подобрување на образованието и општествената грижа за сексуалното и репродуктивно здравје, особено за жените и маргинализираните групи.

Зошто новиот закон е подобар?

Како дел од Платформата за родова еднаквост и работната група што зела учество во измените на законот, ХЕРА преку новата кампања – насловена „Слобода е кога самата одлучуваш!“ – ги соопштува и останатите придобивки за рамноправноста на жените.

Со новиот закон, се укинува задолжителното пристрасно советување. Жената ќе добива објективни, точни и медицински оправдани информации, според стандардите на Светската здравствена организација.

Жената ќе може да побара веднаш да ѝ се изврши здравствената услуга, во согласност и со Законот за правата на пациентите. Со ова ѝ се враќа достоинството и се почитува нејзината слободна волја и донесената одлука.

Ќе се намали осудата кон жените, така што Правилникот за пристрасно советување, кој придонесуваше кон стигматизирањето на жените, ќе биде заменет со стручно упатство во кое информациите за абортусот ќе бидат засновани исклучиво на медицински и научни докази.

Се укинува и тридневното чекање по советувањето, па на жената што се одлучила на абортус, таа здравствена услуга ќе ѝ биде овозможена без одложување. Со ова, законот ги следи насоките на Светската здравствена организација за безбеден и легален абортус.

Новиот закон им го враќа достоинството на лекарите, така што ги намалува несоодветните казни за здравствените институции, а казнената политика станува иста како и за останатите здравствени услуги. Лекарите ќе можат без притисок од законската регулатива да им дадат подобра здравствена услуга и грижа на жените.

Се воведува медикаментозниот абортус (абортус со лекови). Многу жени го избираат медикаментозниот абортус бидејќи сметаат дека е побезбеден и го чувствуваат како поприроден – не се користат хируршки инструменти и анестезија и едниот од двата лека се зема во домашни услови.

Медикаментозниот абортус е поедноставен и во голем број европски земји каде што е достапен вака се изведуваат над 80% од сите абортуси.

Освен во болниците, абортусот ќе биде дозволен и во гинеколошките ординации. Ова законско решение ја следи препораката на СЗО според која абортусот може да биде безбедно изведен од секое обучено медицинско лице и тоа не само во болниците – доколку се исполнуваат стандардите за квалитет.

Матичните гинеколози во земјава ја имаат истата стручна подготовка за изведување абортус како и болничките гинеколози; оттука, не постои релевантна медицинска причина абортусот да не биде достапен и во примарната здравствена заштита до одредена недела од бременоста, велат од ХЕРА.

Жените не треба да докажуваат дека биле силувани за да можат да абортираат. Жените кои биле жртви на сексуално насилство веќе нема да минуваат низ сложени административни процедури во полицијата и Јавното обвинителство за да докажат дека биле силувани. Ќе можат веднаш да се обратат во болницата и да ја добијат услугата навреме.

Оваа законска одредба е во согласност и со меѓународните конвенции за човекови права и со принципите на Истанбулската конвенција за заштита на жените од родовобазираното насилство.

Жените не треба да го докажуваат својот социјален статус за да можат да абортираат: Жената што се одлучила на абортус од социјално-економски причини, нема да биде присилена да прибира документи за да ја докаже својата материјална и социјална состојба пред да ѝ биде дадена услугата. Доволна ќе биде нивна лична изјава за социјалната состојба. Вака, се уважува жената како личност способна да процени што е најдобро за неа и за нејзиното семејство.

Се укинува Првостепената комисија во болниците за одлучување за абортус меѓу 12. и 22. недела од бременоста. Најчесто, абортусите се случуваат во раната бременост, но некогаш се неопходни и подоцна: поради медицински состојби што може да го загрозат животот на жената, поради сериозни нарушувања на фетусот во текот на бременоста или поради неочекувани општествени околности што може да влијаат врз менталното здравје и социјалната состојба на жената ако ја продолжи бременоста.

Според ХЕРА, новото законско решение значително го скратува чекањето за услугата и ги намалува можностите од компликации. Жените нема да бидат присилени да бараат нелегални и помалку безбедни абортуси за да ги избегнат административните процедури. Жената веќе нема да биде присилена да чека најмалку 7 дена (како кога постоеше Првостепената комисија) пред да ѝ биде одобрено барањето за абортус, а болницата ќе треба да ѝ ја даде услугата за најмногу три дена.

Конечно, според новиот закон, без разлика на мислењето на гинекологот кај кого жената се обратила за абортус или на мислењето од вториот специјалист, кое гинекологот може да го побара, болницата ќе биде должна да ѝ ја даде бараната здравствена услуга, со што волјата на жената се става на прво место, велат од невладината организација.