Живот
4. November 2021 - 16:31

Нови значајни пронајдоци на античкиот локалитет „Стибера“

Голем број ексклузивни наоди во годинешните археолошки истражувања кај Стибера. За прв пат на некој антички локалитет во Македонија е пронајдена агората, односно просторот каде се вршела трговија, но и простор кој служел како плоштад. На тој простор се пронајдени и две мермерни мерни маси кои служеле за мерење на производите кои се продавале, една за цврсти предмети, а друга за течни продукти како вино, млеко и друго. Ваква импресивна мерна маса, со оваа големина и толклу зачувана е пронајдена само во Помпеја, Италија.

„Оваа мерна маса има 8 издлабени реципиенти со различни димензии и различни длабочини. Едниот е за 10 литри, другиот за 5, па за 3, 2, 1 литар, имаме мерна единица за 700 милилитри, 350 и за 100 милилитри, така да оние луѓе што доаѓале тука да продаваат, односно купуваат течни прехрамбени намирници како што е виното, млекото, ќе сипат во оној реципиент кој им треба количински“, изјави Душко Темелкоски, раководител на истражувањата кај Стибера.

Пронајден е и жртвеник, кој според натписот на него е посветен на богот Хермес, кој бил заштитник на трговците. Најексклузивниот наод е мермерната биста на жена за која се претпоставува дека припаѓала на Фаустина, жената на римскиот император Антониј Пиј.

„Неговата жена Фаустина починала релативно млада, на 40 години, во 140-та година. Како што спомнав претходно на онаа мерна маса за течоности стои годината 142 година, кога оној агораном ја донира таа мерна меса. Така да кога ќе направам споредба, тука е некаде годината, 140-та кога починува Клаустина, сопругата на императорот Антониј Пиј, кога агората е од прилика обновувана“, додаде Темелкоски.

Археолозите се надеваат дека идната година државата ќе оддели средства за конзервација на овој дел локалитетот како што е агората.