Бизнис
22. јуни 2016 - 9:02

Нови инвестиции и во време на криза

Во Македонија влегуваат нови инвестиции и во време на политичка криза. Мултинационална компанија планира да отвори кол – центар во земјава, Кинези најавија вложување во оризопроизводството. Новите инвестиции треба да донесат повеќе работни места, да се продолжи со намалување на невработеноста. Интензивно се градат новите погони во слободните економски зони, нови фабрики ќе има во Штип, Струмица, Скопје. Инвеститорите вложуваат и надвор од ТИРЗ-овите, пишуваЛидер.

Инвестиции и надвор од зоните

Странските инвеститори вложуваат и надвор од слободните економски зони. Компанија од Северна Америка планира да отвори кол – центар во Македонија и да отвори 200 работни места. Веќе е денесена интерна одлука за инвестирање во рамки на компанијата.

„Тоа ќе значи решавање на проблемот на 200 семејства, кои ќе добијат вработување, сигурни приходи, посигурна иднина. Завршувањето на политичката криза ќе значи уште подинамично носење инвеститори“ – вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Во Кочани, пак,  Кинези најавија инвестиција за производство на опрема за оризопроизводството, по системот капка по капка.

„ Не радува што ќе можеме да инвестираме во Македонија и во најголемиот регион за производство на ориз кај вас“ – вели инвеститорот Ванг Донг.

Се зголемува бројот на корисници во зоните

Се зголемува бројот на корисници во слободните економски зони, листата се зголемува од ден на ден, па сеа на неа се наоѓаат: Џонсон Мети, Џонсон Контролс, Леар, КСС, Ван Хол, Костал, ОДВ Електрик, Кемет Електроникс, Вистеон, Гентерм, Кап-Кон, Дијатек, Техникал Текстајлс, Текнохозе, Кондево, Акомпласт, Делфај, ГЕС.

„Успешниот развој на нашата фабрика во Штип и успешната соработка со македонската Владата го подготви нашиот пат за следниот чекор и за новата фабрика во Струмица“ – вели Владимир Теплик, потпретседател на трим групацијата на „Џонсон Контролс“ за Европа .

„Делфај е фокусирана на испорака на висок квалитет, а капацитетите во Македонија ќе ни помогнат во остварување на оваа цел“ – објаснува глобалниот оперативен директор на Делфај, Луси Тоскани.

Се зголемува и бројот на слободни економски зони.

Во моментов во ТИРЗ-овите работат повеќе од 5 илјади луѓе, а годинава треба да се заврши со околу 7 илјади вработени во фабриките во слободните зони.

„Покрај креирањето директни работни места, се креираат и индиректни работни места преку зголемување на соработката со домашните компании, се зголемува извозот од земјава, а бенефит се и новите практики што се воведуваат во земјава, односно трансферот на знаења и вештини. Компаниите од зоните го стимулираат развојот на локалната економија во поширока смисла, овозможија промена на структурата на извезуваните производи. Денес, за разлика од порано, имаме голема диверзификација на извозот и голема додадена вредност“ – вели првиот човек на зоните, Виктор Мизо.

Драстичен раст на извозот од зоните

Компаниите од слободните економски зони работат со полна пареа. И покрај политичката криза во земјава, извозот е значително зголемен.

За петте месеци од годинава, извозот е зголемен за над 28% во однос на истиот период лани и веќе надмина 715 милиони евра. Само во мај е достигната вредност од 150 милиони евра, што претставува раст од 20 проценти.

На пример, податоците на Бизнисмрежа.мк покажаа дека 2015-та година била исклучително успешна за фабриката на Џинсон Мети во Бунарџик. Лани, профитот им се зголемил за над 63%, изнесувал 91,4 милиони евра.

Странските инвеститори велат дека нема причина да се продолжи со ова темпо, но услов е да се стабилизира политичката слика во земјава.

„Ако политичкото опкружување се стабилизира побрзо, тогаш не само што ќе се привлечат нови инвестиции, туку ќе им се помогне и на сегашните, постојните, да ги прошират своите деловни активности“ – вели претседателот на Советот, Штефан Петер.

Домашните компании имаат ќар од странците

Странските компании се важни за македонската економија, бидејќи добар дел од бизнисот завршува во домашни компании. Само лани нашите компании од странците инкасираа околу 50 милиони евра.

„Јас очекувам овој позитивен тренд да продолжи како резултат на активноста на домашните компании и зголемената соработка со странските инвеститори, но и поради најавените нови странски инвестиции кои ќе отворат фабрики и ќе придонесат кон намалување на невработеноста во земјава“– смета извршниот директор на Сојузот на стопански комори, Митко Алексов.