Балкан
14. јуни 2024 - 19:32

Нова полициска акција во северно Косово, откриено оружје

Косовската полиција соопшти попладнево дека спроведува акција на северот од државата, населен со мнозинско српско население, при што извршила претрес на две места и пронашла оружје, јави дописникот на МИА од Приштина.

Заменик-директорот на полицијата за северниот регион, Ветон Елшани изјави за медиумите дека не може да соопшти други детали бидејќи „рацијата се уште не е завршена“.

Тој го потврди пронаоѓањето на оружје на локации во Северна Митровица, но рече дека за количината ќе има дополнително соопштение.

Полицијата и во четвртокот презеде акција на север, во селото Угљаре кај Зубин-Потоку, при што заплени рачни бомби и  друго оружје. Во оваа рација е уапсено едно лице.