Македонија
7. August 2015 - 14:46

Нова најсовремена, најквалитетна и најсофистицирана клиничка болница ќе се гради во Штип

Министерот за здравство Никола Тодоров, денеска ја најави изградбата на новата штипска клиника, која ќе започне да се гради во средината на октомври 2015 година, а според прoценките ќе биде готова во средината на октомври 2017 година.

klinika2

-Квалитетот на еден здравствен систем првенствено зависи од квалитетот и знаењето на здравствените работници, квалитетот и софистицираноста на опремата, како и од квалитетот на  здравствената инфраструктура. Денес сакам да го промовирам проектот за изградба на најсовремената, најмодерната и најквалитетната здравствена инфраструктура во Македонија. Реализацијата на овој проект ќе значи изградба на болница со карактеристики и функционалност какви што до сега не е изградена во Македонија. Изградбата на оваа болница ќе постави стандард кој ќе треба да се достигне не само во Македонија, туку и пошироко во регионот, изјави министерот Тодоров.

Вчера од страна на Банката на Советот на Европа во официјалниот гласник на Европската Унија беше објавен тендерот за градба на Клиничката болница во Штип.

klinika3

Станува збор за инвестиција од приближно, 30 милиони евра. 

Токму овој проект доби прва награда за реализиран архитектонски проект на 17-то биенале на македонската архитектура „БИМАС 2014“ која како награда е воведена од 1981 година како највисока архитектонска награда во земјава.

Имено, подготовката за техничката документација траела околу 2 години, а на неа работеле вкупно 5 стручни тимови, од аспект на архитектура, статика, електрика, машинство и водовод.  Дополнително и посебно задолжени лица за противпожарна заштита, животна средина, звук, енергетска ефикасност, и заштита на градежната јама.

klinika4

Објектот ќе се гради на местото каде што во моментов се наоѓа штипската клиника и ќе претставува грандиозна високо енергетски ефикасна клиника на површина од 34.000 м2.

-Болницата ќе има комплетно воспоставен BMS, односно билдинг менаџмент систем, кој во целост ќе ја контролира електриката, и машинството во целиот објект и е директно поврзан со системот за менаџирање на болничките соби. Кога пациентот се прима во болница се внесува во системот дека собата е зафатена и тогаш автоматски се активира климатизацијата во собата. А при влезот во болничката соба автоматски се пали светло. На ваков начин се постигнува ефикасно и одговорно користење на ресурсите, рече Тодоров.

За прв пат во јавна здравствена установа е проектиран и ќе се изведе систем за пневматска пошта кој ќе ги поврзува лабораторијата со дијагностиката и оперативниот дел.

-Објектот има сопствен резервоар за вода кој може да обезбеди авотномија од два дена на целата болница, како и сопствен агрегат и UPS кои обезбедуваат автономија во случај на прекин на електрична енергија и тоа ups-ите за оперативниот дел овозможуваат и автономија до 45 минути во случај на прекин на напојувањето, подвлече Тодоров.

klinika5

Објектот се состои од две целини: при што првата целина се состои од три катни висини каде ќе бидат организирани сите болнички одделенија, а втората целина се состои од 4 нивоа: подрум, ниско приземје и први кат. Во подрумските простории се сместени сите технички и сервисни одделенија како и одделот за патологија и судска медицина.

-Во ниското приземје се сместени Ургентниот центар, радиолошко дијагностичкиот оддел, централните гардероби и лабораторијата, болничката аптека и стерилизацијата.  Во приземјето и пониските нивоа се сместени 17 амбуланти, дополнети со специјализирани простори за прегледи и третман, како и дневни болници за трансфузиологија,  дневна хирургија со три мали сали, хемотерапија психијатрија, служба за превенција и третман за зависности од дрога. Ова е со цел да се намали растојанието кое треба да го поминат пациентите кои се лекуваат, рече Тодоров.

Одделенијата за нега на хоспитализирани болни планирани се со 80% да бидат во 4-креветни соби, 10% да бидат 2-креветни соби и 10% едно-креветни соби.

-Секој стационар ќе има приемен простор, простории за поддршка, простории за персонал и заеднички простории. Новата Клиничка болница ќе биде распределена на 8 нивоа, каскадно поставени на теренот. На последните три нивоа ќе бидат сместени болничките соби, со сите неопходни содржини за поддршка и медицински надзор, додека пак во подолните катови  се проектирани сите неопходни содржини за дијагностика, интервенција и третман како за болничките, така и за амбулантските пациенти, подвлече Тодоров.

Подрумските простории ќе бидат исполнети со технички простории и магацини, а на крововите е предвидено да се постават градини, од кои дел ќе бидат проодни и ќе можат д асе користат од вработените или од пациентите, а дел ќе бидат непроодни. Сите ќе имаат сопствен систем за наводнување.

-Предвидено е и ново сообраќајно решение со кое што ќе се овозможи посебен и брз пристап до Ургентниот центар, за возилата на Брзата помош, посебен пристап до главниот влез за големиот болнички капацитет, посебен пристап техничките и сервисни содржини на болницата, а периферно на објектот ќе има и други помошни влезови за вработени, трансфузиологија, психијатрија и за радиологија, додаде тој.

Новата Клиничка болница во Штип ќе биде високо енергетски ефикасен објект со ниска потрошувачка на годишно ниво која ќе се троши за греење, вентилација и климатизација, санитарна топла вода, осветлување и помошна енергија.

Значителен придонес во енергетска ефикасност на објектот ќе имаат и просторно-концептуалниот распоред на болничките и помошните содржини и целата фасада.

Новиот објект ќе ги содржи следните одделенија:

Болнички одделенија:

  1.      Анестезија со реанимација
  2.      Хируршки болести
  3.      Уролошки болести
  4.      Ортопедија и трауматологија
  5.      Гинекологија и Акушерство
  6.      Очни болести
  7.      Оториноларингологија
  8.      Внатрешни болести
  9.      Градни болести и ТБЦ
  10.    Невролошки болести
  11.    Психијатриски болести
  12.    Максилофацијална хирургија
  13.    Детски болести
  14.    Неврохирургија
  15.    Онкологија (со аплицирање на цитостатска и зрачна терапија)
  16.    Инфективни болести
  17.    Кожно – венерични болести
  18.    Физикална медицина со рехабилитација
  19.      Лабораториска дејност
  20.      трансфузиологија со дневна болница
  21.      Патолошка анатомија со судска медицина
  22.      Радиолошко – дијагностичка дејност
  23.      Болничка аптека
  24.      Физикална медицина
  25.      Центар за наркозависници и

Специјалистичко-консултативни служби

Дневни болници

Ургентен центар