Македонија
18. July 2024 - 16:39

Нова криминална пресметка во Чаир, повреден 31 годишен скопјанец

Во пукање во Чаир повредено едно лице. 31 г. скопјанец заврши со прострелни рани во градската болница по престрелка на улицата Дижонска. Според информации во медиумите, инцидентот се случил во обид да се помират две семејства. Повредениот е син на познат сопственик на кафуле во Чаирчанка. Неофицијално станува збор за криминална пресметка, но МВР не открива детали. 

Случајот предизвика партиски препукувања. СДСМ тврди дека улиците се небезбедни за граѓаните и  владее безредие. 

- Неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ ги охрабрува криминалците и ја претвора Македонија во Див Запад. Нема разрешници на најтешките кривични дела откако Тошковски и ВМРО-ДПМНЕ раководат со МВР, пет убиства останаа неразрешени и ова ги охрабрува пиштолџиите и бандитите. 

На ова владејачката партија возврати дека одговорност ќе има за сите бидејќи токму СДСМ ја довеле државата до овој степен. 

- Откако со неспособниот Спасовски кој народот го остави без лични документи и пасоши грижејќи се пасоши да добијат земунскиот, кавачкиот и шкаљарскиот дилерски клан и други бандити од Балканот, го направија Скопје Див Запад, познат по мафијашки престрелки и незавршени случаи.

Јавен обвинител излегол на терен и прибрани се докази, но се уште не е идентификуван идентитетот на сторителот. Се уште не е расветлен ниту случајот со познатиот бизнисмен кој во околината на Скопје беше пронајден мртов со прострелна рана во главата. Нема детали ниту за случајот на  Пластичарска пред еден месец кога во вооружена престрелка едно лице беше убиено, а двајца потешко ранети.