Македонија
10. јуни 2021 - 16:53

Нова дводневна средба на историчарите од мешовитата комисија

Учебниците за основно образование и заедничките чествувања – теми за кои македонските и бугарските историчари ќе обидат да направат исчекор на новиот заеднички состанок. Дали свежиот пристап кој го најавија на минатата средба ќе вроди со плод ќе се знае утре, кога и завршува третата од предвидените пет средби за оваа година.

Средновековието и цар Самоил, како и револуционерот Гоце Делчев, се останатите теми на масата на кои историчарите ќе бараат договор, откако на минатиот состанок во април не беше постигнат видлив напредок по речиси ниедно прашање.

Јазот во работата не се намали ниту по одржаните парламентарни избори во Бугарија и формирањето на техничката Влада. За официјална Софија, напредокот во работата на македонско бугарската комисија е нужен услов за отстранување на ветото и започнување на преговорите за членство во ЕУ.

“Од историчарите ќе се бара прогрес по спорните историски прашања пред одржувањето на јунскиот самит на ЕУ и новата шанса за деблокада на македонските евроинтеграции”.

Онлајн состанокот на мешовитата комисија доаѓа на ден пред почетокот на изборната кампања за повторените избори во Бугарија. Според последната анкета, партијата на досегашниот премиер Борисов и победник на изборите во април ГЕРБ бележи голем пад, но сепак ја задржува предноста пред останатите политички партии.