Македонија
6. December 2015 - 11:04

Нов Зимски поетски фестивал

Во организација на „Струшките вечери на поезијата“ од вторник до 11 декември во Скопје ќе се одржи првиот Зимски поетски фестивал на кој ќе учествуваат четворица врвни поети од земјава и странство.

Фестивалот, според директорот на СВП Мите Стефоски, е дел од промените за проширување на функционирањето на институцијата, со цел во зимскиот период да овозможи интензивна активност на Струшките вечери на поезијата насекаде низ земјава. Идејата, тој посочи дека произлегла од потребата за промени, кои се случуваат како во летниот фестивал, така и во функционирање на институцијата.

- Зимскиот поетски фестивал ќе се одржи во период кога не само во Струга, туку и во Република Македонија нема поголеми книжевни настани и ќе понуди квалитетна програма, изјави Стефоски.

Целна публика ќе биде академската средина, токму затоа и ќе се одржува во Скопје на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, каде учесниците пред квалификувана публика ќе го претстават своето творештво. Директорот најави проширување на фестивалот во наредните години и на универзитетите во Штип, Битола, Охрид и други градови во земјава.

- Струшките вечери на поезијата како најголема манифестација од ваков вид во земјата и светот нужно мора да се грижи во промоцијата и афирмацијата на светското и на македонското книжевно творештво на целата територија на Република Македонија, но и во светски рамки, и организирањето на еден ваков настан значително би имал многукратен ефект во таа насока, нагласи Стефоски.

Програмата ќе се одвива во четири фестивалски дена, со фокус на тројца странски поети и актуелниот добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга меѓу две изданија на фестивалот Струшки вечери на поезијата. Годинашни учесници ќе бидат Мохамед Бенис од Мароко, Александар Шурбанов од Бугарија, Душко Новаковиќ од Србија и Виолета Танчева-Златева, од Македонија. Тие, според Стефоски, се врвни поетски творци, наградувани со престижни награди, актуелни и атрактивни заради нивната поетика.

- Тоа ќе го илустрираат преку нивното творештво, со тоа што ќе ги прочитаат и разгледуваат своите песни. Скоро сите значајни поети во светот на некој начин се поврзани со академската публика, најчесто како професори на престижни светски универзитети. Вториот дел од предавањето ќе биде едно мало поетско читање од страна на поетот, кој ќе има можност да го претстави творештвото пред таков вид публика, а да биде и препорака, вовед во вечерното преставување, појасни Стефоски.

Централниот фестивалски настан ќе биде во вечерниот термин во 20 часот, каде низ книжевни разговори со информиран модератор ќе биде претставено творештвото на поетот-гостин.