Свет
27. November 2015 - 9:50

Нов палестинско-израелски инцидент на Западен брег

Еден Палестинец денеска упаднал со автомобил меѓу израелски војници и повредил двајца на автобуска станица во близина на еврејска населба на Западен брег, по што еден цивил го застрелал, соопштуваат војската и полицијата. 

Во речиси секојдневните напади со нож, влетувања со автомобили и истрели, од 1 октомври се убиени 19 Израелци и еден Американец, додека израелските сили убиле 92 Палестинци од кои некои извеле напади, а некои се убиени во судир со полицијата и војската.

Многумина од убиените се тинејџери, потенцираат медиумите. 

Палестинците го обвинуваат Израел дека користи прекумерна сила против напаѓачите и наведува дека во многу случаи напаѓачите би можеле да бидат сопрени и приведени, а не мора да бидат застрелани и убиени. 

Нападите, од кои многу се изведени спонтано, делумно се поттикнати од гневот на муслiманите поради посетата на Евреите на џамијата Ал-Акса во Ерусалим, третото најголемо исламско светилиште, кое исто така е свето место во јудизмот. 

Посетата на американскиот државен секретар Џон Кери на Израел и Палестина во вторникот, со цел да се смири населението, не покажа знаци на успех, заклучуваат британските медиуми.