Свет
25. February 2021 - 21:17

Нов обид на ЕУ за воведување вакцинални пасоши

Вакцините ќе ги отворат вратите во Европската Унија. По завршувањето на денешниот самит на ЕУ, германската канцеларка потврди дека вакцинални пасоши ќе има и дека тие ќе бидат готови до лето. Лидерите очекуваат до првата половина на годинава, да бидат вакцинирани 70 проценти од европските граѓани. Со тоа вакциналниот пасош ќе биде инструмент со кој ќе може слободно да се патува во рамките на ЕУ. Денеска лидерите на унијата повторно разговараа за оваа тема на дводневниот самит.

По ова прашање длабоко се поделени и самите земји членки. Земјите кои економски зависат од туризмот како Грција, Италија, Шпанија, Кипар, Малта и Естонија се најжестоките поддржувачи за воведување на вакцинални пасоши.

Некои земји веќе почнаа да воведуваат ковид пасоши. Исланд уште во јануари издаде дигитални пасоши. Додека пак Данска со издавање на вакви пасоши за оние луѓе кои мора да патуваат треба да почне до крајот на месецов. Шведска најави дека ковид пасоши ќе има до летово.

Грција веќе воведе свои ковид пасоши, а на нивно воведување работи и Шпанија се со цел повторно да заживее туризмот во оваа земја.

И кога станува збор за туризмот, се уште не се знае дали македонските туристи ќе може да летуваат во Грција.