Македонија
3. March 2024 - 16:59

Нов лик на Смоларските водопади за поголем број туристи

Смоларскиот водопад добива нови содржини. Преку проект на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион започна уредувањето на просторот  со највисокиот водопад во државата, а ќе се уредува и локалитетот Пирго познат по битката на Цар Самуил на Беласица. Со уредувањето, водопадот ќе добие и стаклена платформа за набљудување, а дел  од постоечките  содржини во околината ќе станат пристапни и за лицата со попреченост. Целиот проект чини околу 112 илјади евра, обезбедени преку Бирото за регионален развој и општина Ново Село. 

Нови содржини за спорт и рекреација ќе добие и излетничкото место Пирго. Во исто време ќе се прави обнова и реконструкција и на веќе постоечките.

Минатата година исто така преку проект на Центарот беа обновени патеките што водат до Колешинскиот водопад и Мокринските извори. Сите овие проекти според директорот на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион треба да придонесат за поголема пристапност на убавините што ги крие Беласица и привлекување на поголем број туристи.