Македонија
13. July 2020 - 19:36

Норвешка донација за полската болница

НАТО соработка во време на пандемија. Македонската армија доби еден тон медицински материјал од Норвешка, донација реализирана преку НАТО Агенцијата за набавки и транспортирана од самата Алијанса.

„Помошта од Кралството Норвешка доаѓа во вид на медицински заштитни маски, термометри, заштитна опрема, визири...сето она што е потребно во овој момент за справување со корона кризата”.

Во вредност од 200 илјади евра, заштитната опрема е намената за мобилната полска болница со капацитет од 130 кревети, која до средината на мај се наоѓаше во комплексот клиники “Мајка Тереза”.  

Во болницата која повторно би се монтирала според здравствените потреби, за работа подготвени се наши доктори и медицински сестри обучени од норвешките колеги.

„Драго ми е што теренската болница која ја дониравме пред неколку години се користи за борбата против Ковид 19. Донацијата што ја предаваме денеска, ќе ви ги обезбеди основните алатки во борбата против вирусот. Таа е и мал симбол на благодарност кон сојузничка земја, која ние ја сметаме за многу добар пријател”.

Ова не е билатерална, туку здружена активност, подвлече шефот на Канцеларијата за врски со НАТО во Скопје.

„Во НАТО не се зборува само за тенкови и пушки, туку и за медицината која е многу важна. Медицинската опрема е со двојна намена може да се користи во операции низ целиот свет, но може да се користи и за потребите на земјата”.

Од Министерството за одбрана најавија дека воено – медицинската соработка со сојузниците ќе продолжи и понатаму со обезбедување на следни пратки на медицински средства, кои ќе помогнат во справувањето со пандемијата.