Македонија
2. September 2015 - 14:21

Акциска контрола од СВР Тетово на 54 разни возила

Со акциската контрола  што Секторот за внатрешни работи-Тетово ја спровел вчера во пресрет и со започнувањето на новата учебна година, опфатени биле 54 разни возила за јавен превоз на патници како  комбиња, автобуси и други возила, информираше денеска портпаролот на СВР Тетово Марјан Јософовски.                   

- Од контролираните возила,  53 биле испратени на вонреден технички преглед, при што кај седум констатирана е неисправност, најмногу на сопирачките додека 5 возачи не се јавиле на преглед и ги очекува поднесок и глоба од 400 евра во денарска противвредност колку што изнесува глобата и за неисправните возила. Во едно од контролираните возила откриен е претовар (глоба од 45 евра), едно имало неатестирани фолии, две лица управувале без возачка дозвола, а еден мотоцикл бил предмет на царински прекршок.  Утврдените недостатоци санкционирани се со 27 платни налози и 1 покана за наплата на глоба. Осум возила и двајца возачи се исклучени од сообраќај. Покрај ова изречени се и  6 глоби за правно и исто толку за одговорно лице, изјави Јосифовски. 

Тој посочи дека покрај спроведувањето на вакви и слични активности, од вчера во значителна мерка зголемено е полициското присуство околу училиштата во Тетово и Тетовско.

Јосифовски најави дека овој и идниот месец ќе следат и бројни превентивни активности во училиштата со кои најпрво ќе бидат опфатени најмладите основци - првачињата каде тие поблиску ќе бидат запознати со сообраќајните знаци и практично ќе им се покаже како и каде да се движат, како да ги преминуваат улиците и да се однесуваат на крстосниците, за нивна максимална безбедност во сообраќајот кога одат или се враќаат од училиште.