НАТО „стапица за глувци” и Русија „бик кој прободува”
Радио Слободна Европа - Прага
Каква е иднината на односите на земјите на Западен Балкан со Русија која е против идно ширење на НАТО? Ова прашање се поставува во момент кога односите на Русија и Алијансата зе замрзнати и во зона на конфликт.
Дали овој спор на глобално ниво треба да влијае на земјите на Балканот да одлучат за својата иднина? Дали Русија и понатаму ќе се обидува на Балканот да го оспори членството на одредени земји во НАТО, дали ќе бидат посилни интересите на Западот или на Руската Федерација на просторот на Балканот – се некои од прашањата кои се поставуваат во момент кога односите на НАТО и Русија се замрзнати и кога соработката е прекината.
Рускиот став околу интеграциите на земјите на Балканот го претстави Јури Белобров, професор на Дипломатската академија на Министерството за надворешни работи на Русија, кој констатираше дека со пристапувањето во НАТО државите на Западен Балкан ќе ја изгубат независноста и слободата на одлучување бидејќи ќе мораат да ја следат политиката која ќе биде кроена во Брисел и моќните држави членки на НАТО.
„НАТО е како стапица за глувци, кога еднаш ќе влезете внатре тука сте заглавени и нема да можете да излезете. НАТО машинеријата е толку огромна што ќе врши притисок на секоја држава членка која сака да излезе од Алијансата, што тоа ќе биде целосно невозможно”, рече професорот Белобров гостувајќи на конференцијата „Односите на НАТО и Русија – Импликациите на Балканот”.
Потсетувајќи на повеќевековното пријателство на Русија и земјите на Балканот, професорот Белобров го изнесе своето видување за односите на Владата на Русија и земјите од Балканот во случај на пристапување на НАТО сојузот.
Белобров ја искористи следната метафора: „На ниво на соработка на Владата, по приклучувањето на НАТО блиските политички односи со Русија можат да се влошат. Бидејќи ако се фатите во костец со бик, очекувајте да ве прободе со роговите, бидејќи кон тие земји ќе постапува во согласност со нивните постапки. Под тоа мислам дека односите ќе бидат задржани. Секако ќе постојат, но ќе бидат непредвидливи и помалку срдечни”.
Од оценките на рускиот професор беше изненаден поранешниот црногорски амбасадот во САД Миодраг Влаховиќ, кој констатираше дека процесот на интеграциите на Црна Гора во НАТО е пред самиот крај, иако целиот процес беше проследен со тежок речник од руска страна.
„Со цел респект кон уважениот професор, не сум сигурен дека тој вид на комуникација и пораки некого може да го импресионира во Црна Гора. Без оглед на тешкиот речник од официјални и неофицијални претставници од пријателската Руска Федерација, мене ми се чини дека процесот во Црна Гора е пред крај, без оглед на доцнењето и видливата конфузија која постоеше. Ако не се случат некои апсолутно сега непредвидливи состојби, без оглед што постојат континуирани обиди да се дистурбира политичкиот процес и да се предизвика криза во нашата земја, мислам дека за половина година ќе можеме да зборуваме за Црна Гора како за најнова членка на НАТО, која секако ќе остане во пријателски и срдечни односи со Руската Федерација” – рече Влаховиќ.
Влаховиќ праша поради што Русија и НАТО се во конфликт.
„Кога ќе се погледнат глобалните процеси, кога ќе се погледнат глобалните трендови, предизвици и закани, постои многу подолг и многу потежок список на потреба да се соработува отколку вештачки поради внатрешни политички причини и некои работи кои не се зависат од односите со Западот, а најмалку со состојбата на Западен Балкан, да се создава еден вид на психоза и да се користи таков речник кој мене ме потсетува на времето од пред 30 години” – истакна Миодраг Влаховиќ.
Според зборовите на професорот Влатко Цвртило од Хрватска, Црна Гора е потребна на НАТО од геостратешки причини – контрола над источен Јадран, а кога се работи за геополитички причини, влезот на Црна Гора во НАТО е дополнителна стабилизација на Балканот.
„НАТО добива држава која го прифати либерално-демократскиот модел, партиципацијата на државата во различни режими на меѓународна, безбедносна, политичка, економска и друга соработка. Со тоа дополнително се стабилизира еден нов простор кој треба да придонесува за развој и стабилизација во поширокиот простор на Балканот. Секоја држава во тој контекст е важна” – вели Цвртило.
Ново на Сител
-
Швајцарска олимпијка загина во лавина
-
Украинецот Горига уште една сезона во Вардар 1961
-
Тајните на добро политичко интервју | Васко Ефтов | Неформално | Sitel Podcast 076
-
Изгласан Буџетот на Град Скопје за 2025 година
-
Градот Скопје демантира
-
Пакетчиња со поминат рок
-
Кочани: Со „југо“ влетал во кафеанска маса, а потоа со нож го ранил познаникот
-
Пукање во Чаир - Се расправале во работилница па едниот почнал да пука во другиот