Македонија
22. September 2016 - 16:04

Јанева бара да нема рок за СЈО за поднесување обвиненија

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева денеска пред пратениците на Комисијата за политички систем побара бришење на членот 22 од Законот за СЈО. 

- Барам да се избрише членот 22, додека имаме работа да работиме и согласно Кривичниот законик, рече Јанева одговарајќи на прашањата на пратеничката Светлана Јакимовска. Членот 22 од Законот за СЈО се однесува на крајниот рок на покренување на обвиненија. 

Јанева и ја предаде Иницијативата за измена на Законот за заштитетни сведоци на Јакимовска на седницата и цитираше член на Законот за СЈО за соработка со институциите. 

Од каде се снимените материјали ќе го праша обвинетиот Заев, како што кажа, кога ќе биде рочиштето за „Пуч“. Побара сите обвинети во случајот „Шпион“ да бидат пуштени од притвор. 

За финансискиот извештај, Јанева рече дека колку и да прашуваат пратениците повеќе информации нема да даде.

- Јас не кријам ништо од мојата работа и не сум оптоварена дали протекуваат информации или не. Тие се во интерес на Република Македонија и на граѓаните, одговори Јанева. 

Одговарајќи на прашање на пратеникот Димитар Стевананџија чии се прислушкуваните снимки, специјалната обвинителка Јанева, рече дека одговорот кој и на кој начин прислушкувал е во предметот „Пуч“.
 
- Ако ме слуша Основниот суд Скопје 1, кој го одложи судењето за случајот „Пуч“ дури за месец и пол, зашто поротник се разболел, нека го презакаже за 1-ви октомври. Подготвена сум да дадам воведно излагање. Се надевам ќе дојде и единствениот мој сведок Никола Груевски, рече Јанева. 
 
Меѓу другото, Стевананџија и други пратеници од владејачкото мнозинство и забележаа на Јанева дека и по 13 месеци СЈО не одговорила кој прислушувал, во кој период, за какви цели и кој му ги дал прислушуваните материјали на лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
 
Во тие 12 отсто преслушани разговори, имало и приватни разговори, но Заев го немало како разговара за тендери, посочи Јанева, а имало повеќе, како што кажа, таргети за слушање, на кои биле „лепени“ и функционери и обични граѓани. 
 
Претходно пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ ја праша Јанева да каже кој е нејзиниот личен капацитет, на какви дела работела во судот во Гевгелија, дали работела на дела за злосторничко здружување, за изборни измами, за дела за кои се суди над 5 години затвор, и зошто е поголема штетата што на Македонија и ја нанел Едмонд Темелко, градоначалник на Пустец, од штетата што и ја направил екс разузнавачот Зоран Верушевски.

- Посконцентрирано го слушам господинот Милошоски бидејќи го слушам и во незаконски прибавените разговори и знам за неговиот личен капацитет. За мојот личен капацитет, Марко (Зврлевски) ми беше шеф, и нека каже тој, одговори Јанева предизвикувајќи реакции меѓу пратениците.

Милошоки во контрареплика кажа дека доколку повнимателно ги слушала незаконски стекнатите прислушувани разговори ќе знаела дека разговорите се однесуваат на локалните избори во 2013 година. - Дали според тие разговори цените дека е нелигитимен градоначалникот на Струмица Зоран Заев? Дали сте слушнале за поткупи во турското маало во Струмица, колку вреди еден глас? Дали Вие цените дека сте легитимна обвинителка ако доаѓате во Собрание кое не го признавате за легитимно? Дали Вашите изјави се морални ако барате нелегитимне Парламент да донесе закони кои Вам ви се важни?, праша Милошоски.

Македонија пропуштила да направи едно професионално и функционално специјално јавно обвинителство во ситуација на еден девастиран правосуден систем, истакна независната пратеничка Солза Грчева. Според неа, Јанева на вчерашната седница покажала непознавање на правниот и политичкиот систем, но и на демократијата, навредувајќи ја со својот коментар нејзината колешка Роза Топузова Каревска.

- Што се смени од пред шест месеци па вие дојдовте да го браните Извештајот во Собранието? Се смени тоа што опозицијата го потпиша потполно истиот Избирачки список и потврди дека сите изборни циклуси биле легитимни. Сите разговори од бомбите во врска со избори се однесуваат на изборите во 2013 година, рече Грчева. Пратеничката потенцира дека Јанева требала уште од својот избор да знае дека 18 месеци се премалку време за докажување на такви тешки кривични дела.

Горан Мисовски од НСДП, пак, смета дека СЈО е единствената институција во земјата што ВМРО-ДПМНЕ не може да ја контролира.

- Од бомбите на Заев можевме да слушнеме дека Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ одлучувал за се во Македонија, рече Мисовски.

Седницата на Комисијата ќе продолжи во 17 часот, а како што е најавено ќе трае до ноќните часови имајќи го предвид бројот на пријавени дискутанти.