Македонија
5. March 2025 - 16:33

Дали трудовите инспектори работат на црно - СДСМ обвинува, Дурмиши негира

Трудовите инспектори работат на црно, обвинува СДСМ. На крајот на февруари сите вработени во Државниот инспекторат за труд се одјавени од Агенцијата за вработување, но според опозицијата повеќе загрижува што тие од почетокот на годинава воопшто немаат земено плата. 

Инспекторите кои треба да се борат против работата на црно, самите работат на црно! Веќе цела недела не се вработени, односно се отпуштени од работа. Владата на Мицкоски ги доведе во ситуација тие да работат без правен основ, што е скандалозно и апсолутно недозволиво. Но скандалот е уште поголем затоа што ова значи дека сите инспекциски надзори кои ги спроведуваат се апсолутно нелегални, незаконски. Сите акции што се спроведуваат со Министерството за внатрешни работи во изминатите денови се правно неважечки, вели Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ

Министерот за економија негира. Вели дека е почната постапката за превземање на вработените во инспекторатот.

Бидејќи се работи за обемна бројка како и одјави кои треба да се процесуираат по градови потребно е време, сите податоци односно одјави пријави се доставени во АВРМ и започнато е со одјава па потоа со пријава поединечно за секој вработен. Сектор за координација на активностите на министерот. На вработените во Државниот инспекторат за труд денеска им беа исплатени платите за месец јануари 2025 година, додека платата за месец февруари ќе биде исплатена во законски утврдениот рок до 15 март, пишува Дурмиши на ФБ.

СДС ги напаѓа инспекторатите и ги штити картелите кои му ја одраа кожата на народот, им одговори и ВМРО-ДПМНЕ. СДС денес удри против Трудовиот инспекторат, затоа што тој заедно со Пазарната инспекција се бори против картелите кои во изминатиов период ги вивнаа цените во малопродажба до плафон.

СДС е заштитник на картелите, и сега излезе на површина кој со каква цел е, стои во реакцијата на владејачката партија

Според измените на законот за инспекциски надзор кои Собранието ги донесе на крајот на јануари, инспекторатите повеќе не се самостојни органи, туку тие продолжуваат да работат во состав на министерствата од нивна надлежност.

Тие повеќе немаат сопствена буџетска сметка, не можат самостојно да спроведуваат постапки за јавни набавки, ниту за вработувања.