Македонија
31. January 2025 - 14:46

Мицкоски и Азески го поддржуваат бојкотот на маркетите, сметаат дека дијалогот е единствен излез од оваа ситуација

Премиерот Христијан Мицкоски и претседателот на Стопанската комора Бранко Азески го поддржуваат денешниот бојкот на големите ланци маркети и сметаат дека единствен начин за решавање на проблемот со високите цени, е дијалогот меѓу производителите и продавачите.

-Ќе поддржам се што има реална основа, а има реална основа овде да се реагира. Сепак, како претседател на Комората во која членуваат и ланците маркети, ќе инсистирам да се најде решение низ дијалог. Македонија е толку поделено општество што нови поделби не и се потребни, потребен и е дијалог да ги решиме старите. Како заштитник на компаниите, дијалогот е излез од оваа ситуација, проблемот меѓу производителите и продавачите не е од сега, туку од поодамна, а може да се реши само со разговор. Кај нас таков дијалог се одвива постојано, настојуваме да се спречи секаков потрес меѓу нив за да не се одразува врз стандардот на граѓаните. Овие нови форми и методи на вакви активности преку социјалните мрежи ќе станат секојдневие и ние треба да ги почитуваме и да ги поддржуваме, но тоа треба да биде и знак за сериозен разговор што ќе доведе до решение. Ние ќе се однесуваме најодговорно и заедно со Владата ќе бараме решение за тоа и нормално, со останатите чинители, рече Азески, одговорајќи на новинарско прашање по промоцијата на Институтот за извоз во Комората.

И премиерот Мицкоски напомена дека дијалог мора да има за да се најде решение. Тој повтори дека има целосно разбирање за организирањето бојкот на маркетите, како и дека некои економски оператори ја злоупотребуваат својата положба на пазарот.

-Дадовме шанса на дијалог и во иднина ќе даваме. Дијалог мора да има за да се најде решение. Тоа е алатка што ја користиме и ќе ја користиме и тука нема никаква дилема. Но, истовремено, уште вчера, детектирав и други области кои исто така влијаат негативно врз стандардот на граѓаните. Мора да признаам дека има некои економски оператори кои ја злоупотребуваат својата положба на пазарот. За мене, пред се како граѓанин, е нелогично исти производи во маркетите кај нас да бидат со исти или повисоки цени од маркетите во соседството или исти лекови кај нас да се два до три пати поскапи или бела техника, не може кај нас да биде до 50 отсто поскапо. Како човек е логично да изразам разбирање за постапката на граѓаните, но и како премиер. Не можам само да седам на страна и само да набљудувам, истакна Мицкоски.

Според него, Владата може заедно со бизнисот да дефинира приоритети и тоа го прави.

-Тоа што го бара бизнисот од нас се трудиме да го испорачаме, тоа што е разумно, а тоа што не е, го преговараме. Тука се парафискалните давачки, регулаторната гилотина, намалување на царински ставки за одредени артикли, овозможуваме најевтин кредит во Европа за нашите форми, правиме реформи, во земјоделството ги вративме сите долгови што ги наследивме, поделивме плати кои со месеци доцнеа во јавните претпријатија,..., работиме на тоа да има добар инвестициски дух, да нема притисоци, политички уцени и закани, рекетирања, непредвидени даночни политики,... Тоа е она што ние го правиме овие осум месеци, се останато е двосмерна улица, ќе треба и бизнисот и потрошувачите и Владата, сите заедно да делуваме. Како што изминативе осум месеци имало дијалог и состаноци, немало вкупно порано. До овој момент како Влада сметам дека и ја консолидравме состојата во државата и направвме потези кои цениме дека се во насока да ги подобриме условите за водење бизнис и мислам дека делумно успеавме, но ќе треба повеќе време, за осум месеци чуда се невозможни, потенцира Мицкоски.

Азески во овој контекст порача дека ветеното треба да се реализира.

-Приоритетите треба да бидат финансиски поддржани од Буџетот, а не ветени, мора да се реално поставено за да имаме конкретен резултат. Имаме изградени системи, ни треба само корекција. Убедени сме дека и Владата и сите чинители прават во рамки на своите можности, но јас лично не сум задоволен од јавниот настап, нема сериозни групации во државата кои ќе направат корекција на предлозите и политиките, не ја гледам академската заедница, МАНУ, невладиниот сектор,... Ако сите го засилат своето присуство, тогаш и Владата ќе има поинаков третман, ќе знае каде да ги насочи своите приротети, рече Азески.

По повиците на социјалните мрежи, денеска се очекува граѓаните да не пазарат во маркетите поради високите цени на прехранбените производи. Иницијативата која прво се случи во Хрватска, а вакви акции се најавени и во Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Словенија, доби поддршка од пошироката јавност, како и од партиите од власта и од опозицијата, додека надлежните институции најавија ригорозни контроли во маркетите и трговските објекти и итна реакција на терен.