Пациенти на Онкологија останаа без биолошка терапија
Пациенти на Клиниката за радиотерапија и онкологија останаа без биолошка терапија. Во моментов нема биолошка терапија, односно лековите „atezolizumab (tecentriq)“, „bevacizumab (avastin)“, „palbociclib“, „ribociclib“, „fulvestrant“ и „cetuximab“. Тие стравуваат дека за брзо време може да ги снема и „trastuzumab emtansine (kadcyla)“, „nivolumab“, „cobimetinib“ и „vemurafenib“.
-Клиниката за онкологија не е во можност да одговори на зголемувањето на бројот на пациентите со метастатски канцери и тоа е една од причините зошто се појави овој недостаток. Како втора причина и нешто што ние пациентите го гледаме како позитивен исход, а тоа е се продолжува животот на пациентите и затоа подолго период имаат потреба од оваа терапија. Иако минатата година со анекс се одобрија дополнителни сретства, очигледно и тие не беа доволни. Недостаток на терапија има од петокот, се обидува Онкологија да добие дополнително средства да се затвори оваа дупка до одобрување на новиот буџет, изјави за МИА, Ана Марјановиќ, пациентка и дел од здружението „Хема-онко“.
Марјановиќ нагласи дека како пациентка и како здружение, инсистираат да има промена на Позитивната листа.
-Доколку Фондот за здравство и Министерството имаат разбирање за итноста на оваа промена и најдат соодветно решение, во иднина овие проблеми од немање терапија што значи живот за многу пациенти, нема да бидат предмет за дискусија. Затоа повторно апелираме до Министерството и Фондот за здравство да се најде моментално решение за пациентите кои во овој период се оставени без терапија, но и да се работи на решение за истите овие лекови во иднина да бидат на Позитивната листа, подвлече Марјановиќ.
МИА се обрати и до Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија во Скопје.
-Состојбата со достапноста на биолошката терапија е резултат на административни процедури, што се реализираат согласно буџетот за 2024 година. Овој буџет беше изработен во претходната година врз основа на проценките во тој период и не ги одразуваше целосно тековните потреби на клиниката. Дополнително, треба да се земат предвид и континуираниот пораст на бројот на онколошки пациенти, како и сложеноста на административните и финансиските процеси што влијаат врз набавката на лекови, одговорија од Клиниката.
Во врска со предизвиците поврзани со тендерските постапки, како што информираат, веќе се преземаат мерки за подобро планирање на набавките и поедноставување на процедурите, во соработка со Фондот за здравствено осигурување и Министерството за здравство.
-Нашата цел е да обезбедиме навремено и континуирано снабдување со овој вид терапија за пациентите, веруваме дека со овие мерки, актуелниот недостаток ќе биде надминат во најкраток можен рок. Во меѓувреме, пациентите се третираат со терапијата што моментално е достапна во Клиниката, согласно препораките на специјалистите и медицинските протоколи за третман, се наведува во одговорот на Клиниката.
Ново на Сител
-
Неколкумина повредени откако автомобил удри во група луѓе во Штутгарт
-
Затворска казна до три месеци или парична казна од 300 евра за паркирање приколки или кампери на јавни простори во Грција
-
Туристичкиот остров Бали остана без струја
-
Ирскиот регулатор за заштита на податоци го казни ТикТок со 530 милиони евра
-
Грег Попович се повлекува од функцијата тренер на Сан Антонио Спарс
-
Земјотрес од 7,4 степени според Рихтер ја погоди Аргентина, издадено предупредување за цунами
-
Трамп: Планирам да му го укинам на Харвард даночното ослободување
-
Принцот Хари ја изгуби правната битка со британската влада околу полициска заштита