Македонија
1. November 2024 - 15:19

Рокас: Се надевам дека сите политички страни во земјата ќе се обединат и ќе преземат решителен чекор нанапред

Евроамбасадорот во земјава Михалис Рокас денеска на заедничка прес-конференција со министерот за европски прашања Орхан Муртезани, истакна дека Северна Македонија ќе ја добие поддршката на ЕУ и одржува високо ниво на амбиција да се придвижи кон пристапните преговори, но за да го унапреди процесот треба да ги усвои уставните измени, со цел, како што кажа, да ги вклучи граѓаните коишто живеат во границите на државата и кои се дел од други народи како што се Бугарите, а на што се согласи дека ќе го направи.

Според него, во извештајот на ЕУ има поинаква структура со цел да може полесно да се чита, па оттаму Преспанскиот договорот и Договорот за добрососедство и пријателство се наоѓаат од првата страница на Извештајот со ЕУ.

-И да, ќе ја добиете нашата поддршка. Како одговор би сакал да кажам дека има поинаква структура во извештајот за земјата со цел да може полесно да се чита и е покус и секако сите 120 препораки се споменати однапред, а тука е и овој дел. Не постои друга причина, се работи само за тоа сите да се фокусираат на суштинските елементи каде што ние ги даваме препораките за да може полесно да се чита и потоа сите да преминат на другите страници за да видат што всушност сме анализирале. Секако, не треба да се каже дека добрососедските односи, регионалната соработка остануваат како суштински елемент од процесот на проширувањето, рече Рокас во одговор на прашањето дали тоа што добрососедските односи се на првата страница од Извештајот на ЕК, значи дека земјата не ги исполнува доволно добро односите со соседите.

Рокас потсети дека за време на минатонеделната посета на Скопје, претседателката на ЕК, Урсула Фон дер Лајен кажала јасна порака.

-Невозможно е да шпекулирам за хипотези, но она што е кристално јасно и што би сакал да го кажам е дека кога претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен беше на истава оваа говорница таа кажа јасна порака и би сакал да ја цитирам. Прво, имаше дискусија за одличната соработка и таа секако се заблагодари на Северна Македонија за тоа и потоа „имаме јасна цел, тоа да се отвори Кластерот Основи што е можно побрзо. Речиси сме стигнати до таму. Знаеме дека се работи за уставните измени коишто вашата земја се обврза да ги спроведе. Сега потребни ни се заеднички напори, соработка и дијалог и се надевам дека сите политички страни во земјата ќе се обединат и ќе го преземат овој решителен чекор нанапред“ и потоа продолжи дека е уверена исто како што кажа и премиерот дека може да ги надминеме пречките коишто се се уште таму и коишто се уште таму постојат. Толку имам да кажам, рече Рокас.

Тој цитираше делови од Извештајот за напредокот на земјава, посочувајќи дека Северна Македонија треба да продолжи паралелно да ја испорачува имплементацијата на реформите поврзани со ЕУ, особено во Кластерот Темели – поточно судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, а довербата во правосудниот систем треба да биде засилена, а додаде, корупцијата треба да се решава преку добар след на случаите во судовите и во обвинителствата.

-Комисијата се стреми кон следење на скрининг извештајот по однос на основите, како и патоказите кои се усогласени со Преговарачката рамка со цел да се отвори првиот кластер што е можно побрзо и кога ќе бидат исполнети релевантните услови. Особено што се однесува до нашата проценка оваа година има извесен напредок што е постигнат во областа против организираниот криминал од страна на земјата и ограничен напредок во судството, каде пто се бележи подобрување во споредба со минатата година кога не беше забележан напредок. Зборував за борбата против корупција каде што за жал нема напредок, но има позитивни елементи и тие се забележани во областа на земјоделството, руралниот развој, риболовот, транспортните и регионалните политики, рече Рокас.

Што се однесува до внатрешниот пазар, додаде евроамбасадорот, севкупната проценка останува комбинирана – одреден напредок, помалку напредок, но областите како што се слободно движење на работници, стоки и конкурентната политика, интелектуалната сопственост, треба да бидат унапредени.

Нагласи дека мошне позитивен дел од извештајот е тоа што земјата останува целосно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика.