Македонија
25. October 2024 - 8:11

Струмица и Карпош го напуштаат ЗЕЛС, за Перински и Ѓорѓиевски тоа не е решение

Општина Струмица ја напушта Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС), а тоа го најави и градоначалникот на Општина Карпош. Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски се надева дека ќе надвладее разумот и градоначалниците на Струмица и Карпош ќе ја преиспитаат одлуката. Ваквиот потег, Министерот за локална самоуправа Златко Перински вели не е решение, и дека најмногу губат граѓаните.

Ѓорѓиевски, во изјава за медиумите вчера попладне, рече дека досега до ЗЕЛС нема стигнато официјално барање за излегување од ЗЕЛС, а потегот на двајцата градоначалници го оцени како несериозен затоа што, како што рече, едниот ја соопштил одлуката преку социјални медиуми, а другиот преку прес-конференција без претходно како претседател на ЗЕЛС да биде информиран. Според Ѓорѓиевски, одлуката за влегување или излегување од ЗЕЛС носи Советот на општината и ги повика Костадиновски и Јакимовски „да се вразуват и малку посериозно да погледнат на овие нивни потези“.

- Вратата од ЗЕЛС е отворена за сите, секој проблем се решава, доколку има интерес и доколку не се крие нешто друго во позадина на овој процес. Стојам на располагање како и досега за сите мои колеги, верувам дека разумно ќе постапат и верувам дека можеби ова е моментален начин на кој можеби сакаат и медиумски да добијат поголема достапност за одредени теми и поголема драма да направат, но длабоко сум уверен дека ќе размислат во интерес на граѓаните, рече Ѓорѓиевски.

Додаде дека се обидел да стапи во контакт со градоначалникот на Струмица, но безуспешно, а со градоначалникот на Карпош стапил во контакт. Јакимовски, како што изјави Ѓорѓиевски, му кажал дека има проблеми со одредени министри, а на прашањето дали се обратил до ЗЕЛС за ова, одговорил дека мора некако да реагира затоа што има проблем со централната власт. 

Градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски, вчера во изјава за медиумите, најави дека е можно Општина Карпош да ја напушти ЗЕЛС за што, како што нагласи, има многу причини. Јакимовски вели дека дел од министрите во Владата треба да го корегираат својот однос кон нив како градоначалници, или ќе го напуштат ЗЕЛС.