Македонија
3. October 2024 - 16:41

Тројца загинати во директен судар

Голема трагедија го потресе Прилеп. Три медицински лица од Прилеп кои работеа во приватната болница Плодност во Битола, радиологот д-р Александар Ристески, гинекологот д-р Никола Василески и радиолошкиот технолог Фанче Јованоска, утрово околу 7.40 часот го загубија животот во страшната сообраќајна несреќа која се случи на патот Прилеп - Битрола кај селото Лагово. Несреќата се случила кога од засега непознати причини дошло до судир помеѓу возилото „тојота“ со прилепски таблици кое го управувал 42 годишниот Никола Василески, а во кое се наоѓале и Ристески и Јованоска се судрило со товарно моторно возило „волво“ со скопски регистарски ознаки управувано од Горан Радевски (51) од Битола. Oд сударот двете возила се запалиле.

„Во несреќата патничкото возило се запалило и на лице место починале тројцата патници во истото. Смртта ја констатирал лекар од Итна медицинска помош Прилеп. Увидот го врши јавен обвинител и полициски службеници од ОВР Прилеп“, изјави Сања Стаматова портпарол на СВР Битола.

„Тројцата патници што биле во патничкиот автомобил се мртви, од силината на ударот и автомобилот и товарното волзило се опожарени. Најверојатна причина за оваа сообраќајна несреќа е неприлагодена брзина на условите на патот. Ние као медицинска екипа констатиравме смрт на 3 лица и едниот повреден, учесникот кој бил во камионот е итно пренесен во Општата болница во Прилеп со телесни повреди“, истакна Боше Милошески, началник на Итна помош Причеп.

Против пожарната екипа на Прилеп интервенирала со 5 возила и 12 пожарникари.

„Во 7.45 часот утрово добивме пријава за камион кој гори на патот Прилеп – Битола кај селото Лагово, тоа беше првичната пријава, кога дојдовме на лице место увидовме дека не е само камион кој гори туку има и патничко моторно возило и дека се случило некоја сообраќајка во која има и жртви. Точниот број се уште се утврдува“, додаде Виктор Стојчески, заменик командир на ТППЕ Прилеп.

Од болницата „Плодност“ изразија длабоко сочувство до семејствата на нивните загинати колеги.

„Секој од нив имаше свое посебно место во нашата болница и во нашите срца. На достоен начин, Болница Плодност секогаш ќе ги памети нивните дела, но и нивните насмевки, топли зборови и секогаш отворени срца за пациентите и за колегите. Нивниот придонес ќе биде вечно запаметен и врежан во историјата на македонската медицина“, велат од болницата „Плодност“ од Битола.

Јавен обвинител од ОЈО Прилеп издаде наредба за обдукција на телото на починатите, како и за испитување на примероци од крв и урина од возачот на камионот. Наредено е и сообраќајно-техничко вештачење за утврдување на причините за несреќата.