Македонија
26. September 2024 - 16:39

Гаши тврди нема ингеренции за бранителите, се било во доменот на Илире Даути

Законот за бранителите е во доменот на собраниската Комисија за социјална политика што ја води Илире Даути од Алијансата на Села. Собранискиот спикер Гаши тврди дека не може да интервенира иако во Деловникот пишува дека претседателот на парламентот треба да ја свика Комисијата ако тоа не го стори претседателот на собраниското тело. Според него, пратеничката свикала комисија, но донела политичка одлука на дневен ред да не го стави законот и со тоа му ги врзала рацете. 

Сепак, Гаши не кажа на што го темели тврдењето дека седница е свикана, кога и самата Даути вели дека таква седница ниту свикала, ниту ќе свика бидејќи таа е против законот.

За разлика од Гаши, кој вели дека не донел политичка одлука да ги блокира правата на бранителите, првиот вицепремиер Меџити од истата коалиција Вреди, сигурен е дека законот нема да биде донесен и покрај тоа што поддршка дава и коалициската ВМРО-ДПМНЕ.

Собранискиот спикер за наредната недела најави и комисија за деловнички и мандатно-имунитетни работи која ќе расправа за тоа дали имало недоречености и кршење на Деловникот за неколку прашања, но не можеше да потврди дали ќе се расправа и барањето на СДСМ да се одлучува дали токму Гаши не го крши Деловникот во случајот со бранителите.

СДСМ пак, засега ќе чека исход од оваа Комисија.

Измените за поголема парична помош на бранителите е поднесен од Славјанка Петровска од СДСМ. Со помош на ВМРО-ДПМНЕ тој ја доби поддршката да ги минува собраниските филтри. Но, и покрај тоа, за него нема  комисиска расправа повеќе од две недели иако Деловникот вели дека треба да биде одржана во рок од 24 часа.