Loading Video...
Свет
24. September 2024 - 12:23

Преглед на вестите од светот

Продолжуваат тензиите и воздушните напади меѓу Израел и Хезболах, па жителите во пограничниот појас веќе неколку дена живеат под притисок, а некои и ги напуштаат своите домови.

Либанското Министерство за здравство синоќа соопшти дека бројот на загинати во израелските воздушни напади се искачи на 492 лица, меѓу кои 24 деца, а уште 1.645 се ранети.

Ова се најсмртоносните израелски напади врз Либан од последната голема војна меѓу Израел и милицијата Хезболах, поврзана со Иран, во 2006 година.

Израелската армија објави дека вчера погодила 1.300 цели на Хезболах во Либан, од чија територија оваа проиранска исламистичка организација се впушта во се поинтензивна размена на оган со еврејската држава.

Конфликтот повторно се интензивираше минатата недела откако илјадници комуникациски уреди беа детонирани во Либан, при што загинаа повеќе од 50 луѓе, вклучително и цивили - плус израелски напад врз раководството на Хезболах во близина на Бејрут.

Хезболах и Израел речиси секојдневно разменуваат оган околу една година. Близу 150.000 луѓе од двете страни на границата се принудени да ги напуштат своите домови.

Жителите на северозападниот израелски град Нахарија „загрижени“ се по најтешките прекугранични размени на оган, додека жителите на јужен Либан со спакувани работи ги напуштаат своите домови и заминуваат северно од Сидон бегајќи од крајбрежниот град поради бранот интензивно израелско бомбардирање.

Но испраќаат и порака до израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека ќе се вратат. Борбите ги зголемија стравувањата дека САД, блискиот сојузник на Израел и Иран ќе бидат вовлечени во поширока блискоисточна војна.

Се поинтензивни се барањата Советот за безбедност на ОН да свика седница за Либан, а на говорницата во ОН тоа го побара францускиот министер за надворешни работи Жан Ноел Баро.

Се поблиску сме до крајот на војната, поблиску отколку што мислиме, изјави претседателот на Украина Володимир Зеленски во интервју за Еј-Би-Си Њуз, откако имаше средба со премиерот на Јапонија.

Зеленски во интервјуто уште еднаш ги повика Вашингтон и другите партнери да продолжат да ја поддржуваат Украина, бидејќи само силната позиција на Украина може да го охрабри рускиот претседател Путин да ја прекине војната“.

Зеленски од недела престојува во САД каде ќе учествува на заседанието на Генералното собрание на Обединетите нации и ќе има бројни средби со светските лидери, а ќе разговара и со актуелните американски кандидати за нов претседател Камала Харис и Доналд Трамп.