Реинкарнација на текстилното производство во Штип
Градот на текстилот кон крајот на месецот организира „Денови на модата“. Последните неколку години текстилната индустрија е во незавидна положба, па ова ќе биде начин штипските компании, Општината и Универзитетот да му дадат примат на дизајнот и квалитетот на македонското конфекциско производство, за што на фото сесија беа ангажирани и познати домашни инфлуенсери.
- Овој настан е со цел да се изврши реинкарнација на текстилната индустрија во нашиот град, всушност и самото име и слоганот на настанот е реинкарнација, затоа што општината има потреба од реинкарнирање на текстилната индустрија, со којашто ќе се зајакне локалната економија. Затоа и оваа година ги вклучуваме поголемите текстилни компании, со надеж дека наредната година ќе имаме уште поголем број на учесници и уште поголем број на локални компании, коишто решиле да произведуваат сопствени брендови, изјави Вишна Шорова-Ангелова, Секретар на Општина Штип
Во моментот само 8% од македонските текстилни компании на странските пазари ги пласираат производите со сопствен бренд, а останатото е лон производство. Без помош од државата ретко која конфекција може да го поднесе финасискиот товар за креирање и продажба на свој препознатлив производ, сметаат од Организацијата на работодавачи.
- Производството на сопствен бренд е многу поскапа работа, бара многу финансии, бидејќи мораш самиот да ги набавиш репроматеријалите, помошни материјали, да ги платиш, без разлика од каде ќе ги купиш, од Европа или од Азија. Мора да го финансираш времето на производство и времето на наплата на тие текстилни производи кои ќе ги продадеш, а тоа е, во најдобар случај, 90 дена од испораката на стоката, изјави Ангел Димитров, Организација на работодавачи
Сепак, ова е единствен начин да се даде додадена вредност на произведените артикли, да се зголемат платите на вработените, со што ќе се стимулираат младите да работат во оваа индустрија.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар