Живот
31. August 2024 - 19:54

Гробница заборавена од сите

Иако е еден од најмаркантните објекти на рано античката архитектура во Македонија и единствена од ваков тип во државава, Кралската гробница кај селото Бонче е оставена буквално на забот на времето да се распаѓа. Стара е околу 2.400 години, но за жал не се знае кој бил погребан тука. Се претпоставува дека околу неа се наоѓа Градот Пелагонија, четвртата изгубена македонска престолнина, но за жал го нема главниот доказ за ова, а тоа е натпис на некој споменик.

„Потребно е да се пристапи кон нејзина најитна конзервација. Кога врне целиот овој простор наликува на базен, гробницата е целата под вода. Имаме ерозија над неа, дрвјата си го прават своето со корењата, многу е можно од некој земјотрес, од некое свлечиште да ја изгубиме“, вели Антонио Јакимовски, раководител на истражувањата.

Оваа гробница ниту се промовира некаде, ниту некој ја споменува. Нема ниту патокази како да се стигне до тука, ниту просторот е уреден за посетители. Истражувањата тука се одвиваат од 2007 година, но за жал државата одделува премалку пари за овој објект. Гробницата има дромос или ходник, предкомора и главна комора.

„Кога ја видовме гробницата во 2007 година се гледаа само овие предни камења. Не ни знаевме дали постои нешто друго, сега ова што се гледа. И ова беше затрупано со земја и непроодно. Комората не се ни гледаше. Интересно е да се каже дека овие блокови се без сврзивно средство, нема малтер, стојат единствено на својата тежина. И така се добро изработени не може ниту игла да помине помеѓу нив. Да се надеваме дека така и ќе остане оваа гробница, но мора нешто итно да се преземе. Во комората пак покојникот бил кремиран и пепелта била чувана во урна“, додаде Јакимовски.

Доколку се докаже дека ова е градот Пелагонија ќе биде единствена античка македонска престолнина на сегашната територија на Македонија,  другите три, Пела, Амфиполис и Солун се во Грција.