Македонија
31. August 2024 - 16:31

Секна изворот кај Небрегово

Секна изворот за вода кој со векови наназад го наводнува полето на прилепското село Небрегово. Жителите обвинуваат дека оваа еколошка катастрофа ја предизвикало копањето на каналите покрај патот со тампон кој води до 3-те рудници за мермер, а градежните работи ги изведувала турската компанија Фимар Балкан која исто така има рудник за мермер над селото. Пред неколку денови се отворил цел кратер покрај самиот пат кој го нарушил водотекот на изворот и истиот го затрупал. Жителите побарале средби со претставници на Општината и Министертсвото за животна средина, но досегаа немаат одговор.

„Да се испита, да дојдат и да го видат проблемот, како е настанат. Прво дали имале одобрение за правење пат, бидејќи изворите се заштитени од државата, дали смееле да копаат и дали смееле олкав канал да отворат, бидејќи проблемот е настанат од каналот. Со време се отвори кратер, една голема дупка и по течението на водата влезе внатре наместо да оди по каналот. Мислам дека патот е направен без некој да даде одобрение за тоа“, истакна Кире Црвенкоски, жител на село Небрегово.

Жителите сега бараат да им се помогне и од страна на државата и од страна на турската компанија за мермер да се пронајде нов извор за вода за селото.

„Некое испитување да се направи овде, да ја најдат жицата од водата, да се внеси истата вода во изворот. Бараме ако се можи да се исчисти таа бразда, ако се можи и вода да се извади, бидејќи тие ја зедоа водата, а водата е живот, се знае“, вели Орде Павлески, жител на село Небрегово.

„На времето и до пожар да дојдело каналот со водата одел до селото, веднаш се пуштал изворот за секакви случки, за водата да стаса што побрзо. Сега ова дојде катастрофа. Рудниците дури си работеа немаше мака изворот, но каналите ги отворија, овде се отвори кратер и загина водата“, вели Петре Маркоски, жител на село Небрегово.

Од Општина Долнени велат дека не биле запознати со проблемот и дека ќе преземеле се што е согласно нивните надлежности.