После две децении истражувања започна конзервацијата на локалитетот Црвено Поле на Огражден
После дваесет и една година археолошки истражувања, за прв пат започнува конзервација на дел од објектите на локалитетот Црвено Поле на Огражден. Се работи за многу важен и значаен археолошки локалитети кој се наоѓа на надморска височина од 1200 метри и сведочи дека пред 1500 години на планината Огражден имало организиран живот. За археологот Ване П.Секулов, кој веќе две децении го истражува локалитетот конзервацијата е многу важна бидејќи на тој начин трајно ќе се заштити барем еден од вкупно десетте откриени објекти .Преку овој проект научната, но и целокупната јавност ќе добие траен решрезент за животот на овие простори во периодот од први до шести век.
Конзервацијата на објектите на локалитетот Црвено поле ќе значи и збогатување на туристичката понуда и можност патниците намерници на Огражден да се запознаат со богатото културно и историско наследство на регионот.
Локалитетот Црвено Поле се наоѓа на 15 километри северно од општинскиот центар на Ново село. На овој локалитет е откриена и најголемата колекција на оружје од римскиот период во Македонија, но и ритуалот на таканареченото убивање на оружјето кое до откривањето на овие примероци не било познато за нашите простори. Проектот за конзервација го реализира стручен тим на струмичкиот завод и музеј со финансиска поддршка на министерството за култура и неколку физички лица поддржувачи на културата.
-
Зоран Ѓеоргиев
Сите содржини од овој новинар