Македонија
28. August 2024 - 16:36

Во Демир Хисар ќе се отвори музеј на радиото - прв во земјава

Демир Хисар ќе биде првата општина во Македонија која што ќе добие „Музеј на радиото“ или „Музеј на радио Демир Хисар“. Во една од просториите на Домот за култура „Илинден“ е сместена техниката, плочите, касетите, предавателите и студиото од радиото кое беше дел од 29-те јавни радио и телевизиски станици кое што згасна во 2004 година. Творец на оваа идеја е Благоја Шундоски, некогашен директор и еден од основачите на ова радио, чија идеја преку овој проект да се зачува споменот за тоа како функционирало новинарството во минатото и сето тоа да биде ставено на увид на граѓаните, особено на младата популација.

„Младиве генерации да дојдат овде, да научат што е магнетофонска лента, што е грамофонска лента, веќе МП3 знаат што е, процесот на дигитализација си го направи тоа. Младите немаат престава како се создава радио продукција, програма на радиото. Поголемиот дел од техниката се уште е во функција и ние во секој момент можеме за кратко време да ја ставиме повторно во функција и да зрачиме, да емитуваме во едукативна смисла. Да дојдат учениците од основните училишта, од средните училишта, па и студенти, бидејќи ја чуваме целата фонотека новинарска, сите стари новинарски записи и снимки се чуваат и почнавме веќе да го дигитализираме целиот тој материјал“, изјави Благоја Шундоски, автор на музејската поставка.

Во моментов оваа поставка која што се наоѓа во Домот за култура се уште е не е целосно уредена за да може и официјално да прима посетители. Од оваа институција се надеваат дека идејата ќе ја поддржи и Министерството за култура за истата конечно се реализира и Демир Хисар да стане првиот град во Македонија, па и пошироко кој ќе има ваков музеј.

„Аплициравме пред 2 години во Минситерството за култура, од таму добивме една финансиска поддршка со која што реализиравме една фаза од овој проект. Но, се уште не е дофинализиран, ни престои уште една фаза со кој ќе имаме и официјално отворање на овој таканаречен Музеј на радиото“, истакна Славчо Вељаноски, директор на Дом за култура „Марко Цепенков“.

Идната 2025 година радио Демир Хисар одбележува 40 години од своето отворање во далечната 1985 година. Основачите се надеваат дека државата конечно ќе одвои средства да се доуреди оваа поставка и за овој јубилек да биде свечено отворена за сите посетители.