Македонија
26. August 2024 - 16:32

Костадиновска Стојчевска: Авиокомпанијата ми го загуби багажот – купував неопходни работи

Ѝ го загубиле багажот, па со службена картичка купувала неопходни работи. Поранешната министерка за култура Бисера Костадиновска се произнесе по обвинувањата од власта дека користела службена картичка за купување лични работи при патување во Лондон. Вели дека не стравува дури и да ѝ биде одземен пратеничкиот имунитет, а подготвена е да ги врати парите назад.

-Дел од трошоците кои ги презентираа се однесуваа на нужноста да обезбедам основни услови за мое нормално фунцкионирање на службено патување после лет на кој авиокомпанијата ми го изгуби багажот. И да, купив нови куфери од сопствена сметка и основни средства за да можатм да патувам и учествувам на состаноците во момент кога останав без багаж на патувањето во Лондон, вели Костадиновска Стојчевска.

Признава дека купувала сувенири. Но, вели проблемот настанал бидејќи сите сметки ги приложила во Министерството.

-Сите службени и она што го потрошив од сопствена картичка го презентирав во Министерството при секој патен налог. Што значи дека, не знам дали оттаму им е забуната. И она што го купував со моја картичка е приложено таму. Навистина е надвор од паметот да купувам сувенири со службена картичка, верувајте, вели Костадиновска Стојчевска.

Пратеникот Лефков на прес-конференција ги покажа сметките на Костадиновска Стојчевска. Најави дека во наредните денови власта ќе продолжи да објавува и за други скандалозни однесувања на поранешната министерка.

-Бисера Антоанета однела во Министерството со цел правдање на потрошените средства, а тоа се овие сметки со нејзин потпис. Одиме понатаму, ова е сметката од Gift Galore London, од 89 фунти, од каде Бисера Антоанета си купила плишано мече Paddington bear и фудбалска топка City football. Бисера Антоанета, на лагите и се кратки нозете, рече Лефков.

Согласно Упатството за реализирање службени патувања објавено од Министерството за правда, можат да се признаат трошоци за сместување, за исхрана и за превоз. Можат да се оправдаат и издатоците за телефон и интернет доколку тоа е неопходно за вршење на определени задачи.