Проценета огромна материјална штета по имотите од пожарите во светиниколско
До крајот на месецот жителите од светиниколските села кои претрпеа штети од катастрофалните пожари ќе можат да пријават пред надлежните институции. Според досегашните анализи на ЦУК, огнените јазици во последните денови од јули проголтаа површина од околу 155 ха која се протега во должина од 30 километри. Пламенот се приближи и до неколку населени места при што причини голема материјална штета, опожарувајќи стамбени и стопански објекти.
Пријавени се околу 50-ина куќи, во дел од нив се живеело, а има и такви кои периодично се користеле, најчесто за викендите. Има изгорено 20 до 30 плевни, 10 машини од земјоделска механизација, пчелни семејства итн. Има голема штета на територијата на опожарените подрачја, изјави Дејан Владев, градоначалник на Свети Николе.
Најкритично беше во село Немањици, каде со огнената стихија со денови се справуваа 100-тина пожарникари, доброволци и месното население, а имаше и поддршка од воздух. Во црквите и Црвениот крст во Свети Николе се уште се отворени пунктови за донации, а невладини организации, општествено одговорни компании и граѓани ја покажуваат на дело емпатијата за погодените сограѓани.
- На граѓаните во тој дел им се потребни хигиенски средства, мебел, резервни делови за машините кои беа спасени и храна, додаде Владев
За да се обнови сето она што пожарите го проголтаа ќе бидат потребни години, а многу повеќе за нормализација на флората и фауната во овој дел на Овче Поле.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар