Дали замира фестивалскиот дух на Прилеп?
Ако Прилеп до пред само неколку години важеше за центар на фестивалскиот туризам во Македонија, денес нема ниту бледа копија од таа приказна. Пиво фестивалот, карневалот „Прочка“, Фестивалот „Пеце Атанасовски“, „Војдан Чернодрински“, Џез фестивалот се само дел од прилепските брендови. За време на Пиво фест не само Прилеп туку и околните градови се полнеа со илјадници посетители, а денес нема ниту реклама, нема промоција, нема никаква организација. Поранешниот градоначалник Марјан Ристески се потсетува како се градеше стратегијата за туризам, особено за најпосетениот концерт на Цеца во 2010 година.
„Не е само работата да примите голем број на луѓе, туку тие луѓе треба да бидат безбедни во градот, да има безбедно паркирање и безбеден влез и излез во градот и тоа треба градот да го постигни. На пример за еден од најголемите концерти спрема официјални статистики во градот беа влезени преку 25.000 возила од страна, зборувам за надвор од Прилеп, преку 300-400 автобуси и 4 композиции бесплатни возови од Скопје кои донесоа луѓе во градот. Треба да развиваме фестивали, треба да се постави прашање дали Пиво фестот треба да остане во оваа форма, да се смени друга форма, да се измисли некој друг фестивал дополнителен во различни делови од годината, што навистина ќе го продолжи приматот на градот како фестивалски центар во Македонија и овој дел на Балканот“, рече Марјан Ристески, поранешен градоначалникл на Прилеп и сегашен заменик министер за економија.
И Карневалот „Прочка“ го изгуби својот сјај. Сега се организира само 1 ден, а да не се дечињата од градинките и основните школи да продефилираат не би ни имало Карневал. Маски со возрасни лица и странци нема со години.
„Спласна одвојувањето на средствата, спласна интересот за организирање на меѓународниот карневал. И за 4, односно 8 години, пропадна Карневалот“, истакна Ванчо Ѓорѓиев, претседател на здружение „Прилепски Мечкари“.
Прилеп развиваше болдеринг, планински велосипедизам, параглајдинг, ОФФ РОАД натпревар со теренски возила, се изгради специјален полигон за мото крос трки, голем дел од овие настани денес не ни постојат, а дел се одржуваат во сосема мал формат. Странските пак групи туристи не ни доаѓаат тука.
„Сето е до инфраструктурата и до приказните. Немаме доволно приказни, иако имаме можност да направиме. Приказната за Марковите кули сосема се заборави се изгуби. За Трескавец има голем интерес и на странски и на домашни туристи, патот не е како што треба направен, не е за со автобуси. Знаете за туризам треба инфраструктура, ние немаме доволно инфраструктура, немаме пат до Трескавец“, истакна Бранко Карески, туристичка агенција.
Ниту еден од уникатните музеи во Прилеп не е постојано отворен освен со закажување, а археолошките локалитети, како Стибера или кралската Гробница во Бонче воопшто не се соодветни означени со патокази, ниту пак уредени за посета.
„Моментално како институција не располагаме со доволен кадар за да можиме нашите музејски поставки да бидат отворени нон стоп. Еден проблем кој ни се промакнува неколку години после короната уназад, јас го гледам во незаинтересираноста на нашите туристички оператори и агенции, мислам дека ниту една наша поставка од нашиот комплетен Завод и музеј Прилеп не е на мапата на нивните екскурзии кои ги водат“, кажа Горан Цветаноски, директор на Завод и музеј Прилеп.
Прилеп како општина нема одделение за туризам, нема стратегија за туризам. Доколку не се промени оваа ситуација Прилеп ќе продолжи да тоне во овој сектор кој е најголемиот афирматор за еден град и држава.
-
Дарко Штаргоски
Сите содржини од овој новинар